Една политички коректна теза вели дека сериозна, одговорна, паметна влада се фокусира на големи, долгорочни цели, но патем не ги заборава малите, секојдневните, краткорочните, тие што значат живот. Сега и за сите.
Македонската влада реши да се придржува – многу повеќе – кон едно друго наравоучение кое вели: ако застануваш за да фрлаш камчиња по секое куче што лае на патот, нема до никаде да стигнеш. Следствено, таа речиси целосно се посвети на стратегиски најголемите и најтешките цели што долгорочно ќе ја одредуваат иднината на државата, односно на неколку главно се уште неродени генерации: да го реши проблемот што го има Грција со нашето уставно име и, така, да го реши проблемот што го имаме ние со ЕУ и со НАТО, поточно со зачленувањето во нив.
Нашиот парадокс или нашата несреќа е во тоа што ниту тезата ниту наравоучението не се доволни за да се одговори на прашањето дали нашата влада е паметна. Отприлика како што нема задоволителен одговор на саркастичната забелешка: што ако си ја погодил целта, кога си промашил сè друго! Во нашиов случај тоа би биле коментарите од типот: што ако станеме членка на НАТО или ако почнеме преговори за ЕУ – значи што ако ја погодиме целта – кога во државата не функционира ни здравство, ни школство, ни судство, кога немаме стручњаци, потенцијали… Што ќе рече – кога сè друго ни е непоправливо промашено.
Уште попогубна е другата опција, сопирањето на карванот – тој сега е на пат (за Софија) кон остварувањето на големата глобална цел – за да им се фрли леб на локалните кучиња што безнадежно лаат. Таа тактика ја пробаа речиси сите влади досега – особено претходната – и се покажа дека не биле многу паметни во одлуката. Напротив.