Не прашувај што можеш ти да направиш за државата, туку гледај што може да направи државата за тебе. И, евентуално, за твојата партија. Тоа е девизата (читај: валутата) под која се воделе, се водат и, повеќе од веројатно, уште долго време ќе се водат преговорите во врска со Владата. Независно дали станува збор за нејзина конструкција или за бескрајна (при)казна дека ќе биде реконструирана, каква што следиме во последниве месеци.
Последната изјава во врска со промените во владиниот кабинет, процес за кој секојдневно добиваме закани дека ќе заврши – ако не оваа пролет, тогаш идната есен – е добра илустрација за интересот на лидерите и местото на државата. „Заев треба да ја прецизира понудата откако му соопштивме дека без ресорно министерство не влегуваме во Владата. Предолго трае процесот и нема да дозволиме да бидеме паричка за поткусурување“, категоричен е лидерот на едното крило на Беса, Билал Касами.
Можеби не е единствен, ама е редок случај во кој не важи поговорката: кога двајца се караат третиот користи. Тука третиот – ресорното министерство, што ќе рече државата – редовно губи. И тоа без разлика кој ќе победи меѓу двајцата што се пазарат. Од проста причина што во понудите и на едниот и на другиот никаде го нема државниот, односно јавниот интерес. Оној на „ресорното министерство“. Никој не е обврзан да каже дека токму тој кадар на Беса треба да застане на чело на тој ресор (се шпекулира со „култура“), зашто ги исполнува сите услови – квалификации, знаење, авторитет… Но, такви критериуми или нема или, ако ги има, никој не ги ферма. Преку министерот, Беса треба да исполни некои сосема други услови. Се разбира, исто е и со другите ресори. Затоа, ако некој е паричка за поткусурување, тоа е државата, никој друг.