Во големиот револуционерен занес, верувавме, бевме речиси убедени, дека оваа влада ќе направи, ни помалку ни повеќе, туку целосна реконструкција на државата. Дека ќе ги превреднува сите вредности, воспоставени за време на десетгодишниот режим на Груевски и, наместо кон минатото, ќе отвори пат кон иднината. Можеби немавме јасна претстава како изгледа и, особено, како се прави тоа толку посакувано ново, ама знаевме дека, какво и да е, тоа мора да се разликува, според многумина – радикално, од старото, веќе виденото, проживеаното, означеното како зло кое не смее да се повтори.
Сега, по десетина месеци владеење, иако владата сè уште ја викаме нова, веќе не се надеваме, барем не во тој првичен опфат, нешто специјално, грандиозно ново. Барем не кога станува збор за внатрешното темелно уредување на државата, на односите општеството, во смената на редоследот на приоритетите, во силата да се пласираат провокативни и продуктивни идеи, во бескомпромисноста при спроведувањето реформи во институциите, во менувањето на сфаќањата, ставовите…
Иако не баш помирени со новонастаната ситуација, сега сме ставени во ситуација да очекуваме, наместо државата, да се реконструира владата. Не целосно, туку делумно, но и тоа оди тешко. Преправката на владиниот кабинет, најавена за крајот на април, е одложена за почетокот на мај. Како приказната за амбициозниот кој тргнал да го менува светот, па видел дека тоа е голем зафат и дека прво треба да се промени себеси, за на крај да сфати дека и тоа е премногу тешко да се оствари во еден живот.
Тоа не значи дека сега треба да бидеме очајни, да завладее песимизам, безнадежност, да викаме дека сите се исти, дека ништо нема да се смени во текот на овој живот. Или, далеку било, дека нема да ја дочекаме реконструкцијата на новата влада.
Објавено во „Слободен печат“