Слеп патник испаднал од авион на компанијата „Кенија ервејз“, а потоа телото му е пронајдено во градина во Лондон. Човекот испаднал непосредно пред слетувањето на аеродромот Хитроу.
Телото е пронајдено завчера, а инспекторите претпоставуваат дека се работи за слеп патник. Во кенискиот авион е пронајдена торба со вода и храна, кои не припаѓале никому.
Во соопштението, полицијата наведува дека телото е испратено на обдукција. Случајот засега не се води како убиство, но можно е човекот да починал пред да падне од авионот.
Компанијата „Кенија ервејз“ соопшти дека авионот нема никакви оштетувања.