Следуваат натпросечно топли пролетни денови

586

Потопло време со температури над просечните за еден до два степена нѐ очекува оваа пролет, која почнува вечерва во 22 часот и 58 минути. Повисоки температури ќе има особено во источните делови, каде над просекот ќе бидат и врнежите.

Според прогнозите на УХМР, во април, средната месечна температура се очекува да се движи од шест до осум степени Целзиусови на високите планини во крајниот северозападен дел на државата, од осум до 10 степени Целзиусови во западните, централните региони и дел од југоистокот, а од 10 до 12 степени во североисточните делови.

Во мај просечната температура, исто така, ќе биде повисока за еден до два степена, а во источниот дел од земјата ќе биде потопло за два до три степени. Средната месечна температура се очекува да биде од 14 до 16 степени, а во планинските области од 12 до 14.

Очекуваните месечни врнежи и во април и во мај се 50-100 мм. Во април тие ќе бидат под просекот во западниот дел (до 25 отсто), просечни долж Повардарието, а над просекот во источниот дел на земјата (до 25 отсто). Помалку од просечните месечни врнежи речии во целата држава се очекуваат во мај, со исклучок на источните делови.

Од УХМР напоменуваат дека е можна појава на локални настани и препорачуваат редовно следење на прогнозата.

– Поради хаотичната природа на атмосферската циркулација, не е можно да се предвидат варијациите на дневна основа на одредена локација неколку месеци однапред. Дури и точното предвидување на просечните вредности, како што е просечната температура за даден месец е исклучително тешко, така што во најголема мерка за сезонските прогнози зборуваме во смисла на најверојатните отстапувања од просечните вредности – појаснуваат од УХМР.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...