Во Кривичниот суд во Скопје попладнево беше сослушан и последниот сведок во судскиот случај за 27 април. Утре обвинителстлвото и одбраната ќе ги изведат дополнителните материјални докази, а од наредната недела странките треба да започнат со давање на завршните зборови.
Во завршните зборови на обвинителството всушност ќе треба и да се дознае дали тоа ќе остане на истата квалификација на кривичното дело или евентуално ќе се направи преквалификација за некој од обвинетите.
Инаку и споменатиот последен сведок денеска, Методија Илиевски, како и претходните тројца, беа по предлог на Богдан Илиевски Бетмен. Тој бил уште еден учесник на протестите „За заедничка Македонија“ и како и во сведочењата пред него, и тој кажа дека протестите биле мирни, без инциденти и провокации.
– Во тоа движење најдов политичка опција со политичка борба да се дојде до промени кои ќе бидат подобри за граѓаните. Исклучиво со политички средства, не со насилство – рече Илиевски.
За 27 април рече дека немало ништо невообичаено кога почнал протестот.
– Во одреден момент почна да се зборува дека луѓе влегуваат во Собрание. Немаше никакво повикување со говори на било што, бевме изненадени и шокирани, не очекувавме тоа да се случи. Зборам за моите очекувања и на луѓе што ги знаев – рече сведокот.
Фото: EPA/MAJA ZLATEVSKA