На едно место, во својата лирска автобиографија „Моето разголено срце“ (Mon coeur mis à nu, 1887) поетот Шарл Бодлер прибележува: „Светот се крепи врз недоразбирањето (malentendu); ако се разбереме, светот ќе престане да постои“. Со оглед на сегашниот наш политички контекст, таа луцидна мисла на таткото на европскиот симболизам можеме да ја парафразираме по следниов начин: „Светот се крепи врз неправдата; ако завладее сеопшта правда, светот ќе прстане да постои“. Како и зошто?
Така и затоа што тој свет ќе го направи својот неимоверен, чудесен скок од историјата (време-простор) во вечноста. Тоа ќе биде „крај на историјата“ како што самоуверено до безумие пишуваше американскиот економист Ф. Фукојама по спектакуларниот пад на берлинскиот ѕид и сломот на комунизмот. Нашиот несовршен, сурово неправеден и, дури, одвратен свет, ќе стане еден совршен, идеален свет. А, пак, тој е сосем нешто друго од еден реален и материјален свет. Со еден збор, царството божјо на сеопшта правда и хармонија ќе се спушти на земјата. Токму онака како што си замислуваше комунистичката утопија која се урна како кула од карти по половина век планетарен успех.
Дали таа проста и строга вистина и е позната на Гордана Силјановска, долгогодишен универзитетски професор од кариера по право која за себе рече, на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, дека била „многу силен ум“ со меѓународен углед? Не постои ни најмала веројатност еден толку „силен ум“ да не знае за таа колку проста, толку и строга вистина. Таа не е нешто непознато ни за сите оние, верното членство на ВМРО-ДПМНЕ, кои со многу сласт и страст ќе го голтнат нејзиниот претседателски слоган „правда за Македонија“, како што им е добро позната и на сите оние кои се на страната на Преспанскиот договор затоа што тој отвора пат кон НАТО и ЕУ и, во името на тој пат, тие ќе ја голтнат горката неправда кон Македонија. Иако не без силни отпори, барем внатрешни.
Ако не постои ни најмала веројатност дека за еден толку „силен ум“ е нешто непознато неправдата врз која се крепи овој несовршен свет, ако не постои таква веројатност ни за оние кои ќе го дадат својот глас за неа, како што не постои ни за оние кои нема да дадат глас за неа, тогаш има место да се прашаме: зошто, како претседателски кандидат, Силјановска им ветува („лажни надежи“ според П. Богојевски) на своите гласачи дека не само што ќе се бори туку и ќе се избори за правда кон „жална и многустрдна“ Македонија? И тоа во еден несовршен, суров и бездушен свет кој се крепи врз – неправдата?
Затоа што илузијата („лажни надежи“) е подобра од суровата и, неретко, неподнослива вистина? Затоа што таа слатка илузија му доаѓа како мелем врз удрена душа со модринки? Или, просто, затоа што „сакам да не знам!“ е посилно од – “јас добро знам“? Добро знам јас дека, на пример, правдата за Македонија умре во оној момент кога, Советот за безбедност на ОН, стави вето врз нејзиниот прием во семејството на народите под името Република Македонија!
Јас добро знам дека овој свет на неправда удрил по мојата национална гордост и достоинство. Добро знам, исто така, дека правдата е, неретко, на страната на силните на денот. Тие силни (САД, НАТО, ЕУ) покажаа, на пример, многу разбирање за византиската политика на мојот сосед (Грција) кој ги убеди некако дека името Република Македонија криело во себе си иредентистички закани. Така јас се најдов, во еден момент, сам на една, а светот и мојот сосед Грција на друга страна кои ми поставија услов: или ќе си останеш надвор од тој свет, или ќе се договориш со твојот сосед како да се најдеш во него.
Затоа што „сакам да не знам“ е посилно од – „добро знам,“ правдата за Македонија е невозможна мисија! Што ќе сторам јас откако, на крилата од таа слатка илузија, ќе слетам во вилата на Водно како претседател на РСМ? Јас ќе заборавам, во истиот момент, дека сум ветил оти ќе се изборам за правда кон мојата земја. Како што брзо ќе заборават и оние кои ме направиле претседател на РСМ дека, ете, такво нешто, сум ветувал. А ќе заборават затоа што поубаво, поудобно и блажено се живее кога си ти на цртата на доброто. Кога си кротка жртва на силните на денот кои дури уживат кога те повредуваат. Кои газат по твоето достоинство. Кои ти нанесуваат ужасни неправди и зла.
За љубов на вистината, горка и болна е таа блаженост. Горка и болна е затоа што извира од немоќ! Ама, барем во моите очи, таа е мојата насушна – надмоќ. Ете зошто таа „правда за Македонија“ на Силјановска не е без свој жив и жилав психолошки корен. Не помалку жив и жилав од илузијата-мелем против страшната, сурова вистина дека овој несовршен свет се крепи врз – неправдата. Да, ама сепак тој свет е најдобриот од сите можни светови (Хаксли).