Скулптурата „Мајка Земја“ е крик против загадувањето (ФОТО)

141

Скулптурата „Мајка Земја“ на Андреј Митевски е поставена на скверот кај „Ким“ на Партизанска во Скопје и е посветена на загадувањето на сите нивоа, како и на сѐ позачестените палења на сѐ и сешто во земјава.

Скулптурата создадена со бројни централно поставени оџаци, испраќа порака за спас на Скопје, како еден од најзагадените градови на светот и за Македонија како една од земјите со најмногу диви депонии, ѓубришта и најзагадени реки во Европа.

Скулптурата симболично повикува на крик против уништувањето на планетата на сите нивоа. Самата скулптура ја претставува планетата Земја а во средишниот дел е сместена стилизирана маска која има лик на природата, односно мајката Земја.

Средишната поставеност на маската го симболизира повлекувањето на планетата кон нејзината внатрешност. Загадувањето, глобалното затоплување, ефектот на стаклена градина, уништувањето на морињата и океаните ја уништуваат планетата. Целата скулптура, всушност, ја покажува загриженоста за планетата и процесите кои се одвиваат на неа, а маската е симбол на тоа како полека се гаси и затвора во самата себе немоќна да го издржи притисокот на 8 милијарди луѓе кои во најголем дел работат во корист на сопствената штета.

Скулптурата е дел од проектот „Собери ѓубре, направи скулптура“ на Андреј Митевски, финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...