Скршениците ја преполнија трауматологија во „8. Септември“, па се префрлуваат на други оддели

264

Скопјани кои деновиве „заработија“ скршеници на лизгавите улици веќе го преполнија одделот за трауматологија и ортопедија во Градската Општа Болница „8. Септември“, па новите пациенти мора привремено да ги примаат и на други одделенија во оваа установа.

Уште од 8. јануари почна засилениот прием на повредени граѓани во оваа и во другите скопски болници.

– Динамиката на прием е слична како и во изминатите денови, имаме и по 30 до 40 прегледи дневно, а со скршеници хоспитализираме најмалку по 3-4 пациенти речиси секој ден, немавме приеми само во недела. Оперираме и во сабота поради зголемениот прилив на пациенти со скршеници, па веќе се преполнети нашите оддели, па мораме овие повредени на неколку дена да ги сместуваме и по други одделенија во болницата – вели д-р Зоран Несторовски, раководител на трауматолошко-ортопедското одделение во ГОБ „„8. Септември“.

Во Универзитетската Клиника за хируршки болести „ Свети Наум Охридски“ во Скопје велат дека во последниве денови откога е паднат снегот имаат зголемен број прегледи на лица со скршеници.

– Од вчера од 8 часот до денеска напладне имаме 25 пациенти што се јавиле за преглед поради паѓање на снегот и мразот во Ургентната амбуланта, а 4 се примени на Трауматологија. Има и помлади скопјани што се здобиле со набиеници и скршеници, но повеќето се постари граѓани кои скршиле некој екстремитет и тоа одејќи најчесто на пазар. Дел од пациентите се од другите градови, но повеќето се од Скопје, кои паѓајќи на снегот скршиле најчесто долни екстремитети или пак рачен глужд и лакот. Имаме примено и постари жени кои го повредиле колкот – изјави д-р Бурим Елези од оваа клиника.

Тој ги повторува советите граѓаните многу да внимаваат кога се движат на вакво време, а постарите најдобро воопшто да не излегуваат од дома.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...