Скринингот почна, догодина ова време ќе се отворат и првите поглавја со ЕУ

Хан порача дека вратите на ЕУ за Македонија се ширум отворени и додаде дека од земјата зависи дали тоа ќе го искористи или не.

137

Македонија го почна процесот на скрининг за подготовка на почетокот на пристапните преговори со Европската унија, кои се очекува да се отворат во јуни следната година.

За главен преговарач е назначен вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а за технички преговарач советникот на премиерот Бојан Маричиќ. Одлуката беше донесена на вчерашната владина седница, на која присуствуваше и еврокомесарот за проширување и соседство Јоханес Хан, со чија посета на Скопје и официјално беше означен почетокот на скринингот.

Популарно наречениот „скрининг“ е всушност процес на аналитички преглед на целокупното европско законодавство, кој се спроведува во рамките на процесот на пристапните преговори. Секоја земја која станала членка на ЕУ поминала низ овој процес. Станува збор за над 100.000 страници на европското законодавство и огромен број на технички стандарди, вклучува десетици институции на ЕУ и стотици институции на земјава со околу 1000-2000 национални експерти. 

Вообичаено скрининг процесот во сите негови фази може да трае од една до две години и истиот е унифициран за сите земји, вели Драган Тилев, државен советник во СЕП и додава дека тој ги рефлектира и спецификите на секоја земја во одредени подрачја, а ќе ги земе предвид и сите промени во европското законодавство што можат да се случат во меѓувреме.   

Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција со Хан, по владината седница изјави дека преговорите со ЕУ се историска задача и врвен приоритет.

–  Со еврокомесарот Хан ги дефинираме следните чекори на скрининг и подготовка за преговори. Утврдивме заедничка динамика на преговорите со поставување на структурата за преговори од наша и од нивна страна. Денеска Хан го претстави начелниот план за скринингот, а ние донесовме заклучоци – истакна Заев.

Хан порача дека вратите на ЕУ за Македонија се ширум отворени и додаде дека од земјата зависи дали тоа ќе го искористи или не.

Вратата кон ЕУ, рече Хан, е ширум отворена благодарение на реформските приоритети на кои работеше Владата измината година, но и на постигнатите договори за добрососедство со Бугарија и за името со Грција.

– На вас е да одлучите за иднината на вашата земја, на еден слободен и суверен начин. Граѓаните треба да ја донесат конечната одлука, да го искористат своето демократско право и да учествуваат на претстојниот референдум – истакна Хан.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Османи на седницата на Националниот совет, на која присуствуваа Хан и известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл, нагласи дека ова е време на одлуки со големо „О“.

– За Македонија ЕУ и НАТО интеграцијата е точката која не поврзува во земјата и пред нас имаме една година за да докажеме дека го заслужуваме членството – порача тој.

Вицепремиерот нагласи дека од нас зависи дали ќе одиме напред или ќе се вратиме назад.

Претседателот на НСЕИ и член на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски појасни дека скринингот е дијагноза, односно согледување колку сме усогласени со законодавството на ЕУ и дали имаме институции кои можат да ги применат тие закони. Според него, Македонија има одлични закони, но кубури со институциите и оцени дека е потребна промена на менталитетот „имаме мнозинство правиме што сакаме“.

– Нам ни треба промена на матрица. Аргументот кој најчесто се користи за тоа е дека и оние пред тоа и пред, пред тоа истото го правеа. Тоа кој што правел во минатото треба да заврши и треба да почнеме да размислуваме за тоа што ќе правиме утре и понатаму. Веројатно тоа е можно бидејќи Македонија има капацитет. Граѓаните согледуваат што е добро, што не е добро и во кој правец треба да се движиме. Јас мислам дека имаме привилегија да ја зацврстиме Македонија и да и помогнеме да го смени менталниот склоп. Тоа носи одговорност не само за власта, туку и за опозицијата – рече Попоски.

Вајгл нагласи дека ова клучен историски момент за Македонија и треба да се процени како прв конкретен чекор кон членството во ЕУ.

– Ова не е формалност, ова е содржинска шанса за напредок. Членството во ЕУ и НАТО се историска шанса за Македонија. Нема да има втора шанса. Сакам да ја пренесам пораката до вас дека нема да има втора шанса  за да се решат отворените прашања што го оптоваруваа процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ многу години откако станавте кандидат за членство. Никој не може да замисли подобри услови за да се започнат преговори и да се завршат преговорите успешно меѓу Македонија и Грција – рече Вајгел честитајќи им на премиерите на двете земји за постигнатиот договор.

Хан во обраќањето до членовите на НСЕИ истакна дека скринингот е само на почетокот од едно долго патување.

– Важно е да демонстрирате инклузивност и дека се работи на стратешките приоритети на земјата. Имате единствена можност да се обединат сите различни сили во општеството и да се направи разлика на подобро. Пред нас се голем број предизвици затоа ве охрабрувам да бидете концентрирани и обединети – порача Хан.

Според претходните искуства од земјите кои поминале низ процесот најчувствителни се поглавјата 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност). Најобемни се поглавјата 11 (Земјоделство и рурален развој), 12 (Безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика), 27 (Животна средина), додека предизвик ќе бидат и поглавјата 1 (Слободно движење на стоки), 8 (Политика на конкуренција), 19 (Социјална политика и вработување).

Има вкупно 35 поглавја, но само во 33 има конкретно европско законодавство (Acquis). Поглавјето 34 е за утврдување на институционалните прашања, додека поглавјето 35 е за се „останато“ што не е покриено со стандардните 33 поглавја.

Според новата пракса на Европската комисија, во преговорите први се отвораат поглавјата 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност), кој се сметаат за најосетливи и „ранливи“. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...