Над 30 изложувачи-цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување, институции и невладини организации од областа на екологија се претставуваат на овогодинешата манифестација под мотото „Скопје цвета“ што се одржува денеска и утре.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на отворањето истакна дека целата идеја е да се направи спој меѓу скопјани и природата, со цел да се научат граѓаните да ја сакаат природата што е можно повеќе.
– Имаме ретка можност за прв пат оваа година во целиот овој систем да вклопиме и вдомување на домашни миленичици, односно кучињата скитници, кои се соодветни истретирани – рече Шилегов.
Тој информира и дека се организираат повеќе работилници за деца, со цел од мали нозе да се научат на односот кон природата и зеленилото.
Како што соопштија од ЈП „Паркови и зеленило“,целта на фестивалот е на едно место да ги собере сите љубители на цвеќето и природата, урeдувањето на околината, уметници, деца и ученици кои што на овој простор ќе ја изразат својата умешност со цвеќето, декорацијата и дизајнот, да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќето, како и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина.
Во Градскиот парк настапуваат повеќе музички и танцови изведувачи, а посетителите имаат можност да учествуваат и во целодневни активности кои ги нуди програмата, односно да проследат анимации за деца, да вежбаат јога и зумба на отворено, да слушаат музика, да погледнат и учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации.