Како што е познато, секој вистински скопјанец – добро, добро, знам дека политички некоректно ја употребувам придавката „вистински“ – со години го избегнува центарот на градот, особено плоштадот и улицата „Македонија“, во широки кругови, секогаш кога се може.
Таа тропска шума од бесмислени споменици, тој кичерај на барокните фасади, онаа разлупана мермерна калдрма и распадната друга урбана опрема – што паднало, не станало – неколкуте зараснати во високи џбунови, незаштитени градилишта, амбициозните кафеџии со истурените тераси, десетината со години напуштени дуќани, плус провинцискиот шмек на високите потпетици, помешан со бедата на целото тоа корзо на бездомници и просјаци… Една тажна, неподнослива урбана аспирација на еден град кој невешто глуми европска метропола, загубена во преводот, времето и елементарната улична хигиена! Ужас!
Сепак, колку и да се трудите да не заталкате во тој дел од „престолнината“, понекогаш морате и да пропешачите натаму, да завршите некоја работа, да отидете на некоја средба… Мене тоа, за жал, ми се случи вчера.
Едно е да слушаш на телевизија и да читаш по интернет каков е проблемот со бездомните кучиња во центарот на градот; друго е тој чопор од грди џукели – ги имаше петнаесет, дваесет, триесет – да го видиш со свои очи! Неверојатна глетка! Оптегнати на штедрото ноемвриско сонце, дрско се сончаат на сред шеталиштето, додека не решат, во здивена глутница, да му се вдадат на некој несреќник на велосипед… Тогаш настануваат панични сцени – на комплетна фрапираност од преплашените турски и кинески групички на туристи, изгубени во македонскиот простор и време – како од некоја холивудска филмска дистопија, како да се снима ново продолжение на „Лудиот Макс“ среде Скопје.
Не само што заканувачки и запенавени лаат како пуштени од синџир (што и се), туку и гризат, апат. Како вистински сајбии на тој јавен простор. Луѓе – деца! – бегаат, врескаат, се бранат со зембили и чадори… Кинезите, тие песји гастрономи, сликаат ли сликаат.
Добро, ако сте сè уште во овој текст со мене, мислам дека доволно вознемирувачки и илустративно ви го опишав проблемот.
Чаре, спас, решение…?
Веројатно ќе се согласиме дека најевтиниот и најефикасен начин за справување со ова акутно загрозување на јавната безбедност – отров, куршум, стап и сл. – не прилега на цивилизирано општество. Од друга страна, бидејќи ние тоа (цивилизирани) не сме, можеби аргументите за, в зори, „успивање“ на оваа армија градски џукели не се сосема истрошени? … Уууупс! Многу се извињавам, и со реторикава се претера, ја повлекувам дилемата!
А зошто тогаш не се презема ниту едно цивилизирано решение? Уште колку години ќе слушаме и читаме магистерски трудови за некакво „Вардариште“ (толку дебата за метро да отворевме, до сега ќе се изградеше!), за чипови, за посвојувања, за стерилизирања… После секој семинар на оваа тема, бројот на кучињата скитници само се удвојува.
И проблемот со името го решивме, а со пциштава не можеме од мртва точка да тргнеме! Скопје од фигуративна метропола НА, стана реална метропола ЗА џукели.
Може ли и вака: да се донесе закон секој акредитиран странски дипломат во земјава, покрај тоа што ќе има месечна квота за собирање на нашиот смет, да му се наложи да вдоми и барем по едно куче? Или тоа да важи и за секој општински функционер? И за секој член на невладина организација за заштита на правата на животните?
Значи, поентата на овој текст е дека нешто – конечно! – мора да се направи, бидејќи следното што ќе треба да го решаваме ќе бидат глутниците волци кои, кај и да е, ќе се симнат од планините за да ни го решат проблемот со кучињата. Тогаш и сафари организирање ќе ви се чини како примамлива опција.
Извор: Цивил медиа