Началникот на генералштабот на Вооружените сили (ВС) на Република Бугарија генерал Андреј Боцев, кој престојува во земјава, денеска ги посети Mинистерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
По пречекот со високи воени почести, генералот Боцев имаше средба со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што се сретна и со заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Во разговорите со министерката Шекеринска, соопштија од МО, станало збор за продлабочување на соработката во обуката на медицински сили, логистика, комуникација, односи со јавност и обука на пилоти.
„Заблагодарувајќи се за брзата ратификација на Пристапниот протокол за прием на нашата земја во НАТО, министерката Шекеринска се осврна на успешно реализираната вежба „Одлучен удар“ во која учествуваше и Република Бугарија и рече дека таквите вежби ја зајакнуваат интероперабилноста меѓу армиите и се одличен пример за регионална и меѓудржавна соработка“, стои во соопштението.
Генералите Ѓурчиновски и Боцев за време на средбата разговарале за меѓусебната воена соработка која е во постојан подем, особено во изведување во заедничка обука помеѓу единиците на воена полиција и специјалните единици и заедничко учество на вежби.
Генералот Ѓурчиновски искажал благодарност за поддршката во поглед на нашиот интегративни процес за полноправно членство во НАТО и можноста за школување на нашите старешини во највисоките воени образовни институции во Република Бугарија, кое заедно со соработката во заедничката обука и вежби претставува добра основа за надградување и унапредување на билатералната соработка.
Од страна на генералот Боцев, било истакнато дека соработката помеѓу двете армии и во наредниот период ќе се интензивира со поголем број на вежбовни активности, пренесување на искуствата од НАТО интеграцијата, како и во делот на воено-техничката соработка.
За време на состанокот, делегацијата од ВС на Република Бугарија се запозна со процесот на трансформацијата на Армијата, учеството во мировните операции и придонесот во справување со мигрантската криза, користење на капацитетите на АП Криволак за вежбовни активности, а се разговараше и за можностите и облиците на понатамошната воена соработка помеѓу двете армии.
НГШ на ВС на ВС на Република Бугарија, за време на посетата, ќе има средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски, а ќе ги посети полкот за специјални операции и воено медицинскиот центар каде ќе се запознае со нивната мисијата и задачи.
Високата воена делегација за време на тридневниот престој ќе има можност да посети и дел од културно-историските споменици во Република Северна Македонија, а в недела ќе присуствува на централната свеченост по повод одбележување на Денот на армијата во центарот за обука на вода во Охрид.
Соработката на армиите на двете земји во тековната година има преку триесетина заеднички воени активности од кои дел се во нашата држава, а дел во Република Бугарија.