По отворањето на „оне стоп шоп“ моделот на преминот Табановце и потпишувањето на договорите за овластен економски оператор, Влада на Северна Македонија веќе работи на имплементација на договореното од состаноците за „Малиот Шенген“, изјави денеска премиерот Зоран Заев по затворањето на 4-от Регионален младински форум во Нови Сад.
– Во моментот работиме на Законот за странци за добивање на работни дозволи и се надевам дека до декември тој ќе помине во Собранието, со што граѓаните од целиот регион, во која било земја ќе бидат исти како и граѓаните од самата земја и нема да имаат потреба шест месеци да чекаат работни дозволи и од целата таа постапка која постои – изјави Заев.
Тој додаде дека се „работи и на признавањето на документацијата што ја вадат соодветните агенции, а со меѓусебното признавање ќе ги преполовиме или воопшто нема да има потреба од контроли на фитосанитарните служби, Агенцијата за храна и ветеринарство и другите служби, кои треба да го интегрираат овој систем, при што една дадена дозвола од која било земја ќе биде прифатлива за сите држави.
– Работиме и на информатичката поврзаност и верувам дека ќе успееме во тој дел и во тек се и други проекти – изјави Заев, оценувајќи дека со ова се сака да се покажат практични решенија од потпишаните декларации, што ќе биде доволен притисок на институциите побрзо да носат законски решенија.