Скопје домаќин на Европско првенство за кошаркари до 18 години

172

Ми претставува чест и задоволство што Скопје оваа година е домаќин на европското првенство (дивизија Б) за кошаркари до 18 години, најмасовно првенство за млади со учество на 24 екипи и вкупно 300 учесници. Првенството трае девет дена, сметајќи ги и двата дена за одмор (30 јули и 2 август), почнува на 27 јули, завршува на 5 август 2018 година, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес конференција.

Натпреварите ќе се играат во СРЦ Кале (голема сала) каде што нашата репрезентација ќе ги одигра сите натпревари од групната фаза, во СЦ „Јане Сандански“, како и во Vip арената при СЦ „Борис Трајковски“.

На европското првенство најавено е присуство на 15 скаути од НБА и уште 15 од евролигашки клубови коишто ќе ги следат јуниорските таленти за време на првенството. Исто така, најавена е и посета од извршниот директор на ФИБА, Камил Новак, на почетокот на месец август.

Град Скопје и понатаму ќе продолжи да поддржува настани кои го развиваат спортскиот дух кај младите затоа што тие се нашата иднина, иднината на овој град. Покрај вложувањата во врвниот, рекреативниот, масовниот и во спортот за лица со посебни потреби, најмногу ќе вложуваме во средноучилишниот спорт. Годинава доделивме 100 стипендии за спортисти – средношколци ученици во средните училишта на подрачјето на Градот Скопје – истакна Шилегов на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека спортувањето е важна алка во развојот на младите и планира да остане доследен во својата обврска како градоначалник, на секој можен начин да ги поддржува сите млади луѓе кои се мотивирани да се занимаваат со спорт, независно дали тоа го прават професионално или рекреативно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...