Во споредба со минатите години, со низата превземени мерки во годините наназад, злоупотребата на вода, односно кражбата на вода драстично се намалува. Ова за Плусинфо го изјавија од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
– Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје секојдневно се на терен. Во континуитет покрај редовните работни обврски од типот на редовни контроли кај корисниците, се преземаат и вонредни контроли, со засилени тимови, кои вршат системски контроли во определени реони – обично во овој период на годината тоа се руралните средини, каде е можна појава на злоупотреба, односно кражба на вода. Во првиве шест месеци регистрирани се 23 случаи на злоупотреба – ни беше речено оттаму.
Нелегалното приклучување на нивниот систем за снабдување со вода за пиење се случува од повеќе причини, а не е реткост кога водата за пиење се злоупотребува за полевање на земјоделски површини.
– За нелегално приклучени објекти на водоводен или канализациски систем, надлежните работници доставуваат опомени за регулирање на нелегалниот приклучок. Опомените се со рок од 3 дена. Доколку странките во овој рок не почнат постапка за регулирање на нелегалниот приклучок, се врши исклучување и кривична постапка за кражба. Казните се определени од страна на надлежниот Суд и истите се согласно Законот за снабдување со вода за пиење и одведување урбани отпадни води – додадоа оттаму.
Претходно Плусинфо пишуваше и за тоа дека несовесни граѓани си ги ладат дворовите и им ја трошат на други водата за пиење. Поради ваквите постапки, домови остануваат без вода или ако имаат среќа, со намален притисок.
Покрај дворовите, водата се троши и на полнење детски базени, миење на возила, теписони и слично.
Од „Водовод и канализација“ апелираат за рационално и разумно трошење на вода во текот на летниот период и за време на топлотните бранови кои го зафаќаат Скопје.