Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против лицето И.Ј. (22) поради основи на сомнение дека извршил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.
МВР соопшти дека по претходно пронајдените пакувања со наркотична дрога – марихуана во автобус на редовна линија Скопје-Дортмунд, СВР Скопје презема мерки и активности за откривање и докажување на сторителот кој што имал намера да ја транспортира наркотичната дрога – марихуана надвор од Република Македонија.
На 07.04.2018 околу 11.30 часот во автобус со скопски регистерски таблици кој сообраќал на редовната линија Скопје-Дортмунд, била пронајдена марихуана за која никој од патниците не се јавил како сопственик.
Полицијата во координација со дежурен јавен обвинител веднаш преземле оперативни мерки за документирање и расчистување на кривичното дело, односно за откривање и идентификување на сторителот. Притоа, според доказите и добиените оперативни сознанија, како сторител на кривичното дело е идентификувано лицето И.Ј. (22) од Скопје, посочуваат од МВР.