Скопскиот јавен обвинител и натаму ќе проверува дали депонијата Дрисла – Скопје ДОО врши кривично дело Загадување на животната средина и природата, иако од Државниот инспекторат за животна средина одговориле дека резултатите од мерењето во кругот на депонијата за квалитетот на амбиентниот воздух се во дозволените граници.
– Основното јавно обвинителство Скопје направи проверки постапувајќи по предмет оформен по допрен глас во јануари годинава за кривично дело Загадување на животната средина и природата од чл.218 од Кривичниот законик, а во врска со работењето на депонијата Дрисла – Скопје ДОО. Во насока на утврдување на фактите, беа побарани информации од Државниот инспекторат за животна средина за извршените контроли над работењето на депонијата. Државниот инспекторат за животна средина во одговорот до надлежниот јавен обвинител наведува дека депонијата Дрисла постапува согласно Спогодбата постигната во Министерството за животна средина и просторно планирање, а извршените мерења во кругот на депонијата за квалитетот на амбиентниот воздух покажале дека резултатите од мерењето се во дозволените граници според европското и националното законодавство – соопштија денеска од Основното јавно обвинителство Скопје.
Сепак, и покрај ваквиот одговор, како што нагласуваат од ОЈО, надлежниот јавен обвинител продолжува со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот.