Вкупно 13 пријави од граѓани за запален оган на отворено за една недела добила Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Од вкупниот број јавувања, во седум случаи пожарникарите излегле на терен со противпожарни возила и го изгаснале огнот. Преостанатите шест пријави од граѓаните се проследени кај инспекторите на Град Скопје за да покренат постапка против сторителите.
Како што соопшти Градот Скопје во сезоната со зголемено загадување на воздухот, продолжена е кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193.
– Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено – велат од Градот.
Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на палење оган на отворено, за да може огнот што побрзо да се изгаси, а сторителите да се санкционираат.