Скаска идиот што ја реди

Алооооо, господа фром Македоња, имаме многу поважни работи за мислење и работење отколку што е тоа општата врева и јарост бесна поради бегството на Груевски! Таа скаска што идиот ја реди, не значи ама баш ништо!

1884
grcev

Како човек да ја опише апсурдната јавна опсесија со бегството на Груевски, што громогласно се тркала по библиската земја, а и пошироко, по балканската релјефна збрчкотина, сè до Панонската Низина, а да не посегне по генијот на Шекспир? Вака очајниот Магбет ја опишува бесмислата на македонската јавна, политичка и општествена сцена, искажана низ мојот слободен превод, да не речам препев:

„Македоња е само една сенка што мрда,
Невешт глумец што мигот на сцена
На мавтање и прчење го троши,
А потоа без трага ќе го снема.
Тоа е скаска идиот што ја реди,
Полна со врева и јарост бесна,
Што не значи ама баш ништо“.

Но, ќе речете, распаметениот Магбет не го спомнува зборот „Македоња“ туку „животот“, но зарем тоа за нас, жителите на Вечна не е исто? Како човек во оваа рапсодија од глупост и бесмисла да се фати за рационална мисла, како да препознае што е добро, а што не е; како, по ѓаволите, да се препознае што навистина е потребно и што е неопходно да се прави во оваа проколната вукојебина, кога најважна работа на светот ни стана бегството на еден криминалец преку граница?!

Нешто е гнило

И, зарем е бегството на Груевски најстрашната работа што ѝ се случи на земјава: демек, конечно видовме дека „нешто има гнило во Македоња Вечна“, дека некои работи се случуваат вон Уставот и законите, дека некој треба да „понесе одговорност“ и сиот тој пискот поради едно бегство на осуден криминалец? Ајде тогаш да се потсетиме на некои неважни трици од периферниот вид на нашата стварност, на некои маргинални појави што не го вознемируваат нашиот нервен центар за правда, уставност и законитост ни колку милионити дел од скандалозното бегство што го ниша од темели кревкото македонско постоење. Да почнеме со првото:

1. Партијата ВМРО-ДПМНЕ, што пред деценија и кусур воведе мека фашистичка диктатура, го собори уставно-правниот поредок, ја ограби земјата за повеќе милијарди евра народни пари, ја уништи животната средина за век и веков, го уништи македонското самопознавање и култура… и што сѐ не. И, наместо да биде избришана согласно законот од регистерот на партии, и наместо да одговара политички, кривично и материјално како злосторничка организација, таа е легална и легитимна опозициска партија што ужива во својот партиски кварт што го украде, во белата Куќа на фашизмот што ја украде, на украдена државна земја, со украден плоштад и украдена фонтана (и одвратни канделабри што од тежина и срам ќе го пробијат украдениот гранит под нив). Меѓутоа, тоа никому не му пречи спокојно да си го живее животот?

2. Партијата што ја „зароби државата“ и го злоупотреби целиот државен апарат, сите институции, „слободните медиуми“ и „реалниот сектор“ во лажирање на сите изборни циклуси од своето владеење, вклучително и изборите од 2016 година (да не го спомнувам и априлскиот државен удар), со куп нелегални пратеници сè уште го сочинува врвното законодавно тело на државата, та со нелегални пратеници го обезбедува „легалитетот“ на парламентот. Не забележав дека тоа некому му го зема сонот.

3. На местото на претседател имаме криминалец избран со злоупотреба на „заробената држава“, што како баронот Владимир Харконен од Хербертовата Дина, левитира во својата резиденција на Водно, поднадуен од пликови и од сопствените гасови и глупаво арогантно го крши Уставот, ги крши законите, потпишува аболиција според непостоечка законска одредба, ја злоупотребува должноста што согласно Уставот мора да ја врши… и ништо!

4. Тоа што илјадите неправни, неуставни и малоумни закони што фашистичката партија-држава на ВМРО ги донесе и ги менуваше и изопачуваше цела деценија сè уште се на сила, и целата државна администрација и сите ние ги браниме и почитуваме како да се Свето писмо; тоа што глумиме правна држава правно спроведувајќи криминални закони, тоа цела година и кусур од преземањето на власта уште не предизвикува констернација во јавноста?

Разубавување на злото

5. А, тоа што обидите да се обезбедат правни услови за промена на законодавството и да се подготват реформски закони што ќе го вратат правото, разумот и рационалноста во земјата, се опструираат од страна на моќната државна администрација и институциите, истите оние што ја чинеа „заробената држава“, и тоа од позиции на вмровското статус кво… тоа, претпоставувам, не може да се пласира ниту во ќошињата од јавниот медиумски простор.

6. И, конечно, за да не ми замерите дека одамна не сум го спомнал: тоа што ужасот на криминалната и фашистичка творба „Скопје 2014“ не пречи веќе никому (освен на неколку осамени гласови) и, наместо да се сруши и како градежен шут да се исчисти од градот, ние ги напрегаме своите два неврона за мислење да изнајдеме „креативен“ начин споменичното и архитектонското зло да го „разубавиме“ и легитимираме?!
Алооооо, господа фром Македоња, имаме многу поважни работи за мислење и работење отколку што е тоа општата врева и јарост бесна поради бегството на Груевски! Таа скаска што идиот ја реди, не значи ама баш ништо!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...