Во тензична атомосфера започна денеска седницата на Апелација за случајот Диво Насеље на која треба да се разгледуваат жалбите за пресудата од првостепениот суд, Основниот суд Скопје 1. Веднаш откако судијката Цветанка Периќ нотираше присуство, еден од обвинетите Генц Сефај стана и побара една минута молк за сите загинати во Диво Насеље. Потоа тој заедно со останатите обвинети бараа да прочитаат заедничка изјава, но од Судот беа предупредени дека ова не е судење туку јавна седница. По ова следуваа низа навреди и пцости на албански јазик упатени кон судијката и кон преведувачката.
– Четири години чекаме да зборуваме. Не сакаме адвокатите да зборуваат за нас. Не го признаваме овој суд и сакаме меѓународна истрага, не сме задоволни од адвокатите, една година сме немале комуникација. Зборувај албански, ти си избеглица, ние сме автохтони. Ова е Албанија – беа дел од навредите упатени од обвинетите кон судијката од советот на Апелација.
Бидејќи судот не им дозволи да ја прочитаат изјавата, тие станаа на нозе и почнаа да се бунтуваат по што побараа да ја напуштат седницата а судијката им дозволи бидејќи присуството не е задолжително. Со силно полициско обезбедување тие беа изнесени од судница и вратени назад во затворите каде се сместени. Во судската сала останаа само тројца, двајца кои од првостепениот суд добија ослободителна пресуда и еден кој е осуден на 12 години.
Во продолжението на седницата за која има закажано продолжение и утре, адвокатите на сите обвинети треба да ги образложат жалбите за пресудите.
Во заедничката изјава која сакаа да ја прочитаат, а судот не им дозволи, обвинетите бараат од премиерот Зоран Заев да ги изнесе доказите дека овој случај е политички монтиран, дека бил замка подготвена од власта на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Тврдат дека во Диво Насеље планот бил да ги убијат на спиење. Наведуваат дека во телефонски разговор Артан Груби и Али Ахмети ги прелажале дека можат да се предадат со посредство на ОБСЕ. Осудените бараат и целата снимка од полициската акција да се види, бидејќи тврдат дека командантите Бег Ризај и Мирсад Ндрецај биле убиени откако ѝ се предале на полицијата.
Тие бараат да сведочат и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Стојанче Ангелов, Ѓорѓе Иванов, Али Ахмети, Муса Џафери, Бекир Асани, Садула Дураку, Митко Чавков, Ариф Асани заменик директор на УБК, Бесир Дехари заменик директор на БЈБ и други функционери на ДУИ во претходната влада.
На седницата во Апелација денеска воопшто не се појавија четворица од првостепено осудените, но тие дале изјава дека истата може да се одржи во нивно отсуство.
Надвор од судската зграда, пак, безбедноста е на високо ниво. Комплексот со судски згради е опколен со полицијци. Во судница на роднините, новинарите и останатата јавност не им беше дозволено да внесуваат метални предмети, телефони, рачни часовници и сл., а хеликоптери кружат цело време над судот.
Првостепено осудените 33 лица за крвавата престрелка во кумановското Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015 година, ги обжалија пресудите на Основниот суд Скопје 1 во Апелација, каде поради обемноста на предметот, термин е закажан и за утре.
Судскиот процес пред првостепениот суд започна на 9 февруари 2016 година, а пресудата Кривичен ја изрече на 2 ноември 2017. Седумина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди.
Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.