Македонската и грчката химна не беа интонирани – овој скандал кој Владата го оправдува со недостиг од време се случи на пречекот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас во Скопје.
Реакациите за овој скандалозен пречек на висок гостин во земјава не стивнуваат – граѓаните потсетуваат дека „Денес над Македонија се раѓа“ не може туку-така да се избрише, настрана што не е предвидено нејзино менување според Преспанскиот договор.
Протоколот при посета на државници во земјава предвидува високите гости, освен со интонирање на државните химни да се пречекуваат и со воени почести.
За Ципрас немаше ниту химна, ниту свечена бина, ниту воен оркестар и почесна гарда. Остана само црвениот тепих.
Владата овој скандал го правда со доцнењето на авионот на Ципрас поради што наводно биле изоставени сите протоколи. Но, пред платото на Владата утрово не беше поставена бина за премиерите, ниту пак беше виден оркестарот.