Во индустријата за производство на облека, трудот вреди 60 проценти од вкупната цена на производството. Нашите текстилни производители со цел да се тркаат со Источна Азија во континуитет наоѓаат начин како да ја намалат цената на трудот. Неколку години наназад, ова е трка кон дното, во која најмногу страдаат жените и тоа поради родовата поделба на работните места на пазарот на труд, изјави кандидатот за претседател на Република Македонија, Проф. Д-р Гордана Сиљановска Давкова, која денеска се сретна со граѓаните во Општина Карбинци, информираа од тимот на Сиљановска.
Таа изјави:
– Денес се сретнав со текстилните работнички од Штип. На средбата, тие ми укажаа на дискриминацијата на работното место, на влијанието на минималната плата кое делува како урамниловка. Ми посочија за не функционирањето на т.н. спирала на покачување на платите на повисоките позиции, односно за оние кои имаат поголемо искуство, знаење или компетенции, за непријавениот труд, за неможноста од синдикално организирање итн. Дискриминацијата, скриената економија и непочитувањето на работничките права мора да запре, нагласи Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова истакна дека Македонија мора да размислува и делува развојно! Да го искористи капацитетот кој постои, но и да инвестираме во основна индустрија, дизајн и производство на сопствени производи.
Како Претседателка ќе сторам сѐ да стимулирам вакви развојни процеси. Исто така ќе го побарам и она кое секоја Влада го заборава – а тоа е официјално вклучување на Македонија во Пан-европската асоцијација на дијагонална кумулација на потекло на стоките, што ќе овозможи финалните производи од Македонија да кумулираат потекло и се извезуваат во ЕУ без царини. Тоа ќе обезбеди поголема додадена вредност за нашата економија, поголеми плати и економска интеграција на Македонија во Европската Унија, рече Сиљановска Давкова.