Сите сонуваат државна плата

2295

После секоја промена на власта во Македонија, една бројна, освојувачка армија брзо ги опседнува ѕидините и портите на тврдината на државата: армијата од внуци, деца, први и втори братучеди, тетки, стрини и зетовци и секакви други одамна подзаборавени роднини, кумашини и сватови на функционерите на секоја нова власт. Таа армија составена од упорни, а често и напатени луѓе, секојдневно кампува пред општинските канцеларии на градоначалниците, во фоајеата на јавните претпријатија, во ходниците на државните комисии и по чекалниците на независните регулаторни тела, во исто толку голем број како и пред вратите на министерските кабинети.

Сите тие се надеваат на вработувања „на државна плата“.

И на секоја нова власт ѝ се случува истото како и на претходната: кога се во опозиција и дури и на ден-два пред да победат на изборите, жестоко ја критикуваат претходната власт за широко распространетиот непотизам при вработувањата во јавната администрација; а откако ќе победат на изборите и ќе се вселат во државните и јавни „кабинети на моќта“, почнуваат своите организации – прво пополека, повнимателно, а потоа без многу усул и „кочење“ – да ги полнат со припадниците на армијата што им виси по ходниците, на телефоните, по куќните слави, на оро на венчавките и низ капелите на погребите…

Како што своевременo велеше Марио Куомо, демократскиот гувернер на државата Њујорк, формулата во политиката е следна: „Водите кампања како поезија, а владеете со проза!“

Во времето кога сегашната опозиција беше на власт, ним работата им беше полесна, бидејќи толку ја „експлодираа“ јавната администрација со секакви, илјадници вработувања што, во таа општа „поплава“, стотиците роднини и оние со други семејни релации не се ни забележуваа кога и тие се впишаа во државни јасли.

Со сегашнава власт е поинаку: рецитираа долги поеми додека беа во опозиција; сега секојдневно читаат кратки раскази, како список од телефонски именик, на вработени со исти први или додадени презимиња.

Мноштвото во јавноста е скандализирано. До моментот кога, поединечно, некој нивни поблизок роднина нема да добие шанса трајно да се вработи кај чичко му, кој е на привремена државна функција.

„Види, вака, внучко“, ми раскажува еден функционер што му рекол вујко му на минатата семејна зимска слава. „Сега ти си на власт, а син ми, братучед ти, кој заврши факултет за туризам, е невработен. Ако не го вработиш, ќе замине во странство, на работа по бродови. Значи, пред целата наша фамилија ти ќе бидеш виновен за тоа што ќе ми отиде детето јабана. А ти види!“…

Всушност, можеби не е најголемиот проблем на сегашната власт што и нејзините функционери вработуваат свои роднини и партиски кадри, како и сите претходни. Поголем проблем е што НЕ ОТПУШТААТ никого од работа. Овие сегашниве како да работат на заокружување на проектот на Груевски за враќање на социјализмот во Македонија, кога државата ќе ви биде и татко и мајка, и партнер во бизнисот, и главен вработувач, и најголем играч на сите пазари на стоки и услуги, и ќе ви кажува од тоа колку деца да имате, до тоа за Велигден задолжително јајца да фарбате…

За таква држава треба десетици илјади службеници на буџетска плата. Што дека неколку стотици од нив се синови и ќерки на едикојси функционери!?

П.С. И, да не заборавам: доста веќе со „баџанакот на Талат Џафери“! Човекот го избраа, во голема конкуренција, на одговорна позиција низ најтранспарентна постапка што е спроведена во историјата на македонските именувања за јавни функции. Па, што ако му е баџанак на Џафери?! Зошто и кому треба да се извинува заради тоа, уште пред да видиме дали таа релација ќе му влијае врз совесното и професионално извршување на работата?

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...