И додека најголем дел од опозицијата во етничкиот македонски политички блок е очајно заглавен во проѕирните обиди да ја избави криминалната клика од канџите на правдата (каква-таква) со празни шатори на улица и пиштол и кама во главата, ние сме губитници, сите заедно. За тоа време, етничкиот албански блок се обидува „да држи чекор“ со слични теми од 19-от век, само од другата страна на „барикадите“. И повторно, сите губиме.
И додека сите се Скандинавци, не откажувајќи се од балканските манири, погодувате што ќе кажам – сите се губитници. Невладините фолиранти (организации) се како влада, а партиите се како невладини организации… Ги измешаа коцките, ама ниедна не фрлија на зелената чоја.
Кога сите заедно не можат да му одолеат на искушението бескрајно да дебатираат, да се сликаат, да го задоволуваат сопственото его и чувство на успешност и надмоќ над замислениот или реалниот противник… сите се губитници.
Кога конкурентот се третира како смртен непријател и кога се води беспоштедна битка да се уништи, сите се губитници. Емоцијата над разумот, сопствениот интерес над општиот – тие се почеток и крај на секоја (премолчена) агенда. Правда, демократија и почитување на човековите права и слободи не се постигнуваат со емоции и одбрана на тесните интереси, туку со напорна работа, посветеност, искреност и личен пример.
Зошто конкурентот е добар? Затоа што нѐ тера да бидеме подобри и поуспешни. Конкурентот не е непријател, туку мотиватор. Ако ги третираме политичките противници како непријатели, макар и да ги победиме, не постои ниту морална, ниту материјална добивка, туку само страдање на двете страни.
Заборавивме (ако воопшто некогаш сме знаеле) да бидеме искрени, заборавивме да гледаме околу себе со отворени очи, па да видиме дали имаме човек во нашето опкружување што заслужува да го поддржиме. Да, заборавивме… Сите ние. И „ние“ не значи „ние, невладините“ или „ние, левичарите“, не значи „ние“, наспроти „вие“, ништо од тоа! Значи само едно обично – Ние, луѓето! Колку е тешко да се прифати тоа? И колку е тешко да се прифати дека сите грешевме и тоа многу. Грешевме и кога премногу се надевавме, грешиме и кога премногу се разочаруваме.
Ароганцијата, цинизмот и фатализмот ја уништија волјата да се направи било што, да се верува во било што. Ветувањата за коренити промени, се чини, беа преголем залак за сите, и за тие што ги дадоа и за тие што ги слушнаа. Сега на сите ни е тешко да поверуваме дека може нешто да се промени кон подобро. Затоа, станавме рамнодушни кон сѐ, недоверливи и вкопани во рововите на стравот и недовербата.
Да, погрешивме сите ние. Губитници сме сите ние. Го изгубивме сонот, пред и да го најдеме. Но… Ако престанеме со потрагата по нашите соништа, ќе нѐ голтне живиот песок на реалноста.