Сите наши несреќни претседатели

Моделот со избор на претседател од страна на граѓаните на Македонија, само ја зајакнува поларизацијата во македонското општество кое нема точка на обединување ниту во ликот на новоизбраниот претседател.

2389
Новинар, Албанец , по телефон, ми ја чита изјавата на водачот на ДУИ, Ахмети, која, во контекст на претстојните претседателски избори, се однесува на мене и прашува што мислам за кажаното. Сега, во тие преводи од македонски на албански и повторно на македонски јазик, мојата изјава објавена во Плусинфо, не личеше сосема на начинот на кој зборувам, но, во основа точно е пренесено она што го кажав: дека изјавата на Ахмети, кого лично не го познавам, ја земам како комплимент, изразувам благодарност за убавите зборови, ја поддржувам идејата за консензуален претседател и – толку.

Кажаното не го менува моето мислење за искуствата со нашите претседателски избори, за кои сум пишувал и зборувал барем деценија и половина наназад. Британците, Данците, Белгијците, Норвежаните, Јапонците, Шпанците, Канаѓаните, Швеѓаните или Холанѓаните, како и редици други народи, имаат уставни монархии како симбол на своето единство. Германците, Италијанците, Израелците, Грците, Естонците, Албанците, Ерменците, Унгарците, Косоварите, Латвијците или Швајцарците, тоа единство го остваруваат во, понекогаш, мачна и долга процедура на гласање на партиите во парламентот. Останатите европски држави со парламентарни системи како, Македонија, Австрија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Финска, Исланд, Молдова, Црна Гора, Србија, Словачка или Словенија, ги избираат своите претседатели на директи избори. Така избраните претседатели, го симболизираат единството на државата во меѓународните односи, но колку се такви симболи и дома, зависи од демократската свест на оние кои гласале – против. Значи, парламентаризмот е доминантната форма на владеење во Европа, со претседатели избрани во парламентите од страна на претставниците на партиите или на општи избори од страна на граѓаните. Државите го бираат моделот кој мислат дека најмногу им одговара. Дали Македонија, со изборот на својот претседател на општи избори се определи за најсоодветниот модел? Поуките од нашето дваесет и седумгодишно искуство, кажуваат сѐ.

Моделот со избор на претседател од страна на граѓаните на Македонија, само ја зајакнува поларизацијата во македонското општество кое нема точка на обединување ниту во ликот на новоизбраниот претседател. Партиите кои загубиле, како и нивните следбеници, не го признаваат поразот. Претседателските избори се само една рунда во борбата на партиите за превласт. Тие, всушност, се само продолжение на една иста битка во која „сите средства се дозволени“, после која, избраниот претседател станува омразена личност за половина од народот и непризнаен од страна на опозициската партија. Тоа е правилото, без ниту еден исклучок.

Само во времето на претседателствувањето на Киро Глигоров во првиот мандат, кога тој беше избран од парламентот, забележав некаква почит од сите кон институцијата и личноста на шефот на државата. Но, кога, во вториот мандат, претседателот Глигоров отиде на директни избори, тој од нив излезе како претседател на СДСМ, непризнаен од ВМРО-ДПМНЕ. Аргументите на опозицијата дека изборите биле фалсификувани ги оставам по страна, се задржувам само на резултатот: државата доби оспоруван претседател во ликот на еден човек кој со многу знаење, такт и интелигенција, успешно ја изведе Македонија надвор од вртлозите на југословенските војни. Имам впечаток дека, дури ни атентатот не успеа да му го поврати делот од загубениот углед.

Потоа дојде Борис Трајковски, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој не беше признаен од страна на СДСМ. Аргументите на новата опозиција дека изборите биле фалсификувани ги оставам по страна, се задржувам само на резултатот: непризнаен од опозицијата, во моментот кога ја загуби поддршката и на партијата која што го кандидираше, претседателот стана предмет на поткусурување и на потсмев од двете страни. После трагичната смрт, Европската унија и САД упатија изрази на длабоко сочувство до народот на Македонија и порака до закрвените партии да изберат претседател кој ќе ги обедини. Македонските политичари, изразувајќи целосна согласност со содржината на пораката, го сторија обратното: за претседател на државата го избраа претседателот на владејачката партија.

Раководен од вечното начело на политиката дека треба да се контролира се што може да се контролира, Бранко Црвенковски, дотогашниот премиер, стана претседател, задржувајќи го, се разбира, и премиерското место за својата партија – СДСМ. Аргументите на опозицијата дека изборите биле фалсификувани го оставам по страна, се задржувам само на резултатот: Македонија доби оспоруван претседател погрдно ословуван со „лицето Б.Ц.“, кој губејќи контрола врз сопствената партија, подоцна се најде во позиција која по малку потсетуваше на онаа на својот претходник.

Потоа дојде Ѓорѓе Иванов… Аргументите на опозицијата дека изборите биле фалсификувани ги оставам по страна, се задржувам само на резултатот: Македонија доби жестоко оспоруван претседател, непризнаен од опозицијата и од партиите на втората по големина етничка заедница. Тој, пак, погрешно толкувајќи ја својата уставна позиција и обидувајќи се да го закочи отворениот демократски процес на смена на државните политики при смената на партиите на власт, суспензивното вето врз одлуките во парламентот го прогласи за трајно. Така, овој несреќен претседател, денес се соочува со кривична одговорност.

А, сега, кој е на ред?

На праг се претседателски избори во малата држава на Балканот, Македонија, која никако да ги оствари своите стратегиски цели прокламирани уште на почетокот од својата независност, членство во НАТО и во ЕУ, наскоро ќе јавуваат светските медиуми. Малку знаат дека тоа се должи и на фактот дека, во едно веќе екстремно поларизирано општество, претседателските избори создаваат дополнителна поларизација и неединство. Така, политичкиот систем на нашето општество е лишен макар и од една точка на обединување. Затоа, идејата за консензуален претседател е доблесна. Но, таа лесно може биде отфрлена од „системот“ базиран врз жестоката политичка поларизација која ја произведуваат партии неспособни, низ дијалог, да произведат било каков консензус. Оттаму, на претстојните избори, „системот“ кој ги поларизира партиите околу институција која во други држави обединува, гарантира дека исходот од дуелот меѓу „патриотите“ и „предавниците“ ќе биде истиот како погоре: избор на уште еден несреќен претседател. Имено, веќе однапред се знае дека, ако не успее најавениот бојкот, изборниот резултат ќе биде оспорен, заради избирачките списоци или нешто трето.

Нѐ чекаат нови жестоки партиски поделби, наспроти државниот интерес кој бара да се обединиме околу конечното остварување на дамна прокламираните стратешки цели: НАТО и ЕУ. Тоа, денес, е можно само преку реализација на Преспанскиот договор. Затоа, можеби е последен момент сите парти да размислат за другиот модел: избор на претседателот во парламентот, со двотретинско мнозинство, со Бадинтер и со се друго што треба. Дури потоа да се зборува за кандидати. Зашто, нема смисла да се повторува старата игра која дава исти лоши резултати кои, во услови на длабока политичка криза, овој пат, можат да бидат фатални за државата. Дали тој друг модел е перфектен? Ни одблиску. Сите политички модели се проекција на нас самите, на нашите маани и доблести како луѓе. Но, барем, таквиот избор на претседател ќе произведе нешто подобро: не само што ќе ги поштеди граѓаните од непотребни шокови, туку, нема да го загрози моралниот интегритет на кандидатот и ќе произведе еден, макар и формален, центар на единство. Зашто, без тој морален интегритет, институцијата претседател во Македонија, која ионака нема власт – нема ништо.

Извор: Inbox7

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...