Зборот „корени“, во друштво со зборот „самоопределување“, беше клучен во обраќањето на претседателот на РМ во ООН, попознат во јавноста како Хорхе или Хорхито. Тој збор беше употребен, во фигуративна (индиректна), не во дословна (директна) смисла. Тој ги бараше „корените“ на потпишаниот Договор со Грција и ги најде во „Времената спогодба“. Таа Спогодба, исто така, си имала свои „корени“. Нејзините „корени“ биле во некои две Резолуции на Советот за безбедност на ООН кои го кршеле фундаменталното право од Повелбата на ООН, а тоа било правото на „самоопределување“.
Само од себе се разбира дека сите „корени“ (така и оние на Времената спогодба кои кршат некои фунадаментални права како, на пример, правата на „самоопределување“ и „самоименување“ на народите), се спуштаат длабоко во почвата на неправдата. Таа дојде до израз кога Република Македонија не беше примена во ООН под нејзиното уставно име, туку под референцата Поранешна југословенска република Македонија (FYROM) во 1993. И тогаш Република Македонија беше исправена пред тешка и болна одлука, не помалку тешка и болна од онаа што ја донесоа владите на Ципрас и Заев, од која му се гади на актуелниот претседател на РМ. И затоа ја – бојкотира!
Тогашната влада на Црвенковски, тогашниот Парламент и тогашниот претседател на државата Киро Глигоров беа исправени пред изборот: или влез во ООН под референцата FYROM која уследи по ветото на Франција во Советот за безбедност, или бојкот на ООН со изгледи да ја снема независна и суверена Македонија во виорот на војните кои почнаa со распадот на СФРЈ. Тој избор беше: „од две зла помалото“. Tокму како и сега со Преспанскиот договoр, еден компромис со Грција. Кој, како и секој компромис, не e ништо друго освен избор „од две зла помалото“. Зошто? Добро би било за РМ да го задржи своето уставно име. Ако ништо друго, барем за внатрешна употреба. Кога, веќе, не може за меѓународна откако прифатила референца за влез во ООН. Добро би било за Грција да го снема називот Македонија. Ниту пак називите македонски јазик и Македонец, како што бара опозицијата на Грција. Добро би било, ама државите, исто како човекот на овој свет, не можат да избираат меѓу „добро и зло“. Можат да избираат само „од две зла – помалото“.
Актуелниот претседател на РМ е жив човек од крв и месо, како и неговиот претходник Бранко Црвенковски кој го наследи покојниот Борис Трајковски, а пак овој претходникот Киро Глигоров. Сите тие, исправени меѓу изборот од „две зла помалото“, постапија во духот на тој универзален закон кој важи подеднакво како за луѓето, така и за државите. Глигоров, кога ја прифати (и) тешката и болна одлука членство на РМ во ООН под рефренца што никој не ја сака, па ни тој. Трајковски, кога стави потпис врз Рамковниот договор кој стави крај на војната од 2001. Црвенковски, кога го прифати предлогот на Нимиц – името Република Македонија (Скопје), услов за влез во НАТО-алијансата во 2008.
Дали актуелниот претседател на РМ би прифатил некој избор „од две зла помалото“ како неговите претходници? Затоа што и тој е човек од крв и месо? Би! Не само што би прифатил, како и неговите претходници, туку тој го прави тоа во континуитет од полни осум години. Со некои прекини кога, од говорницата на ООН, им се обраќаше на земјите членки екс-премиерот Никола Груевски. Во што се состои неговиот избор „од две зла помалото“?
Помало зло е да бидеш земја-членка на ООН макар и под наметнато име (референца) за да можеш, од нејзината говорница, да им објаснуваш на другите дека, „како соседни земји, и наспроти некои разлики, ние имаме илијадници заеднички интереси со Грција“. А потоа и да поентираш: „Јас сум Македонец, моите граѓани се Македонци, ние зборуваме македонски“, пред да ги повикаш да го почитуваат „правото на самоидентификација“ (односниот во 2017).
Поголемо зло е да останеш надвор од ООН затоа што тебе ни совеста, ни душата не ти даваат да прифатиш наметнато име (референца) кои газат не само по твоето, туку воопшто, по достоинството на секој човек на овој бел свет. Со тоа „би“ на актуелниот претседател доаѓаме до едно многу необично разбирање на изборот „од две зла помалото“. Или, до две лица на тој избор: едно убаво и едно грдо. Едно на страната на доброто и друго на страната на злото.
Грдо, на страната на злото е она лице на изборот „од две зла помалото“ кога други го прават: како, на пример, Глигоров, Трајковски, Црвенковски, Заев и Ципрас. По некој чуден начин тоа лице станува убаво. Дури, ептен убаво кога, врз основа на тој ист избор, ти си тој кој, од говорница на ООН, им кажуваш и докажуваш дека оние две Резолуции на ООН, на Времената спогодба и сега на Преспанскиот договор имале длабоки „корени“ во неправдата.
Убаво, на страната на доброто е она лице кое со гадење одбива избор „од две зла помалото“, лице на горд Макдонец, претседател на држава, кој покажува дека е многу повеќе од неговите претходници-претседатели, од Ципрас и Заев. Тој горд Македонец веќе не е од овој свет. Тој е од оној, небескиот свет. Тој е еден натчовек (Übermensch) на Ниче за кого не важи моралот на овој свет. Не важи, затоа што тој е „од онаа страна на моралот.“ Согласно со тоа, и неговите „корени“ се небески. Наспрема оние „корени“ на Резолуциите на ООН, на Глигоров, на Трајковски, на Црвенковски, на Заев и на Ципрас. Вистина, тоа се „корени“ кои се спуштаат длабоко во почвата на „помалато зло“. Ама нели, тоа помало зло е сепак – зло? Нели гордиот Македенец не знае за – зло?
Некој ќе праша: зошто дури сега (2018) нашиот Übermensch-претседател се сети, од говорница на ООН, да ги повика сите свои горди Македонци да го бојкотираат тој Преспански договор со „корени“ во „помалото зло“? Веројатниот одговор би бил: затоа што никогаш не е доцна тие горди Македонци, антички и библиски, да дојдат, како и тој, до своите небески „корени“.
,