Сите 39 жртви, чии тела беа најдени во камион- ладилник во Есекс биле државјани на Виетнам, а не на Кина како што беше претходно сопштено, јави вечерва Британската полиција.
Полицијата подигна обвинение против уште еден маж за вмешаност во трговија со луѓе.
Телата на 39 лица, 31 маж и осум жени, беа пронајдени минатата недела во товарниот простор на камион со ладилник во индустриската зона Грејс во Есекс, околу триесет километри источно од Лондон.
– Во овој момент, ние веруваме дека жртвите се виетнамски граѓани и ние сме во контакт со виетнамската влада – објави денес на Твитер Тим Смит, помошник главен инспектор на Есекс.
– Ние сме во директен контакт со голем број семејства во Виетнам и во Велика Британија и веруваме дека ги идентификувавме семејствата на некои од жртвите – додаде тој.
Уште еден човек е обвинет за убиство на тие луѓе, заедно со возачот Морис Робинсон од Северна Ирска, кој бил уапсен откако ги пронашол телата во камионот по што беше обвинет за убиство на 39 лица, трговија со луѓе и имиграција и дела за перење пари.
Во Виетнам полицијата уапси две лица.
Полицијата соопшти денеска дека 23-годишниот Ејмон Харисон, кој исто така е од Северна Ирска, е обвинет за истите престапи како возачот на камионот.
Харисон беше изведен пред ирскиот Висок суд во Даблин на почетокот на постапката за екстрадиција во Велика Британија. Тој ќе остане во притвор до 11 ноември, изјави портпаролот на судот.
Полицијата е во потрага по 40-годишниот Ронан Хјус и неговиот 34-годишен брат Кристофер од Армаг, Северна Ирска, за кои смета дека се клучни за истрагата.