Систина: Прв Симпозиум за трансплантација на ткива и органи

1403

Трансплантација на ткива и органи – предизвици и дилеми, беше насловен меѓународниот Симпозиум, прв од ваков вид што се одржува во Македонија. Клиничката болница Аџибадем Систина беше организатор и домаќин на настанот, кој што го отвори Министерот за здравство Венко Филипче, а освен од земјата домаќин, присуствуваа предавачи и гости од пет земји од Регионот.

– Разменета на искуства и едукацијата се едни од клучните елементи. Со ова, ги отвораме можностите и за воведување на нови техники и техологии, кои што, заедно со знаењето и експертизата, преку системот на Аџибадем, ќе ги донесеме во нашата земја. Носиме решенија за трансплантации што до сега не можеле да се аплицираат кај нас. Од друга страна, елементарно важно е постојаното подигнување на нивото на соработка и размена на искуства со Министерството за здравство и со јавните здравствени установи. Меѓу другото, затоа што трансплантација е и одлична можност за отворање на перспективите за јавно приватно партнерство во здравствениот систем на Македонија – изјави Јана Марин, директор на Болницата и член на Одборот на директори на Аџибадем Систина.

Со експертски предавања, на Симпозиумот учествуваа еминентни професори од областа на трансплантацијата на ткива и органи од здравствената групација Аџибадем од Турција, како и домашни експерти од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ од Скопје.

– Согласно статистиките, само 30 отсто од пациентите на кои им е потребна трансплантација имаат блиску поврзани донори (брат, сестра), додека 70 отсто немаат блиску поврзани донори. Значи, за овие пациенти, изборите се – да имаат неповрзан донор, од националната или интернационалната банка на донори или да се потпрат на високата технологија. Во просек еден пациент има најмалку 2.5 неповрзани донори за трансплантација, што е далеку повеќе од 0.3 со блиску поврзани донори за трансплантација. Трансплантациите кои што ние во Аџибадем Групацијата ги изведувааме имат на располагање вискоа технологија. Оваа технологија и нашето знање сакаме да го трансферираме и тука во Македонија, во Аџибадем Систина – вели Сирет Ратип, од болницата Аџибадем Алтунизаде, Турција.

Неговиот колега Ерџумент Овали, од Аџибадем ЛабГен и професор по Хематологија на Универзитетот Аџибадем, Турција, заклучува дека модерното доба доаѓа до опции на молекуларна и ќелиска терапија, а технолигијата рапидно се развива.

– Македонските колеги се свесни за ова и ние заедно ќе се потрудиме да ги развиваме случувањата. Да, ќе понудиме технологија и знаење, но ќе понудиме и наша непосредна помош, асистенција, во иднина да се постават, да се развиваат и постојано да се надоградуваат врвните технолоигии во трансплантацијата во Македонија – вели тој.

Домашните експерти од областа имаа свои предавања, во кои што презентираа дел од македонските искуства.

– Ова е прв заеднички Симпозиум на тимовите кои работат трансплантација на органи и ткива кој се одржува во Македонија. Истовремено, со учество на колегите од другите земји, имавме можност да ги презентираме и нашите искуства, да иницираме поинтензивна соработка и вклучување на наши пациенти во актуелни студии, пред сѐ, во делот на генетскиот инженеринг и регенативната, клеточната терапија. Македонија пред неколку децении беше лидер во регионот во однос на кадаверичната трансплантација. За жал, денес, сѐ уште се обидуваме да се вратиме на старите патеки и истовремено да обезбедиме мултиорганска трансплантација и да станеме членови на Еуро-трансплант – вели Борче Георгиевски, од Универзитетската клиника за хематологија.

Предавањата на Симпозиумот акредитиран од Лекарската комора на Македонија ги следеа над 120 доктори од Македонија, како и од Турција, Србија, Бугарија, Албанија и Косово.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...