И додека политичарите и поделената јавност се надмудруваат околу тоа дали ќе има предвремени избори или ќе се продолжи процесот, сѐ друго запре. Животот повторно ни зависи од политичарите. Пак!
Зависиме од тоа колку ќе бидат екстремни изјавите на вемерото во обидот да се испазарат за уште малку моќ во институциите, а да избегнат избори на кои може да бидат прегазени. Ни зависи од калкулациите на политичарот кој најдолго е на власт како партнер и на националистите и на социјалдемократите. Ни тој не сака избори, се разбира, бидејќи дополнително ќе изгуби гласови. А роковите се кратки. Ни зависи и од тоа како странските дипломати и експерти ќе пресечат – нови, неуспешни преговори, Пржински договори, лидерски средби и натегања…
Зошто ги плаќаме институциите?
Како и да се сврти работата, Македонија покажа дека нејзините институции не се подготвени да ги заштитат интересите на оние што ги плаќаат – граѓанките и граѓаните. Тие истите што не можат крај со крај да врзат, умираат од болестите на здравството, носат гладни деца на училиште, чии деца фрлаат од прозорец во руиниран образовен систем…
Тие ги плаќаат истите институции да воведат некаков ред во земјата, да го направат животот поднослив. За да стасаме живи и релативно здрави во Европа, за да бидеме живи и релативно здрави при дочекот на безбедноста и сувереноста што ќе ни ги зацврсти членството во НАТО, за да останеме во земјава и да ѝ се насмееме на ранетата, искубана мечка Путин.
Станува веќе непријатно очигледно дека недостига политичка волја навистина да се воведе правда и право во земјата, туку сѐ е некако на пола, замачкано, приправено, ако воопшто е започнато. Системот е болен.
Наместо триумф…
Тоа што можеше да биде очигледен триумф, со успешен референдум над сите очекувања, ние сме во ситуација да браниме нешто што не мораше да се брани. Како тоа? Од каде да почнеме со одговорот на ова прашање? Еве, од Избирачкиот список…
Да не се префрлаше одговорноста од една во друга канцеларија, од едно до друго министерство или државна агенција, да се послушаа искусни луѓе од земјава и од странство и да се исчистеше таа проклетија од документ – излезноста ќе беше поинаква. Фантоми, Пустец, Субрата Рој и фамилија, починати, иселеници што никогаш не се вратиле во земјата, кој сѐ не е таму…
Од друга страна, луѓе што реално постојат, ги разместиле во последен момент, ги имало на електронската проверка, ги нема на списокот во избирачките места или се избришани привремено или трајно… Тие што се избришани привремено, поради (не)намерна грешка или затоа што менувале лична карта/адреса, не знаеме дали и колку се избришани од вкупната бројка со која се оперира пред изборните процеси…
Цел еден поранешен претседател на државата и актуелен претседател на Собранието на РМ не гласаа поради Избирачкиот список! И заедно со нив, илјадници други. И тоа само поради Избирачкиот список, а за другите тешки препреки и опструкции допрва треба уште да говори гласно и остро.
И никој не е посочен како одговорен, барем морално и политички, ако не и кривично! Никој, ама баш никој не зборува за тоа. Нормално ли е ова? Нормално ли е оние глупави ѓубриња да им се даде простор да ломотат дека пред влада се делеле пасоши на Косовари што биле довезувани со автобуси? На сиот криминал со Избирачкиот список што токму тие го направија. Не знам, ако некому тоа му е нормално, мене не ми е.
Sve će to, o mila moja… (Bijelo Dugme)
Можеби прашањата изгледаат наивно, но сѐ што се однесува до Избирачкиот список внесува само недоверба, па затоа и основни и најнаивни прашања се оправдани. Немаше ли време? Напротив, имаше доволно време да се најде најдобрата можна методологија и да се реши ова децениско прашање. Немаше ли пари? Напротив, имаше повеќе од доволно пари, и домашни и странски. Немаше ли знаење? Напротив, имаше повеќе доволно експертиза и искуство, како дома, така и од странство, само „лошо распоредени“…
Па така, наместо Избирачкиот список да ја отсликува реалната состојба на гласачкото тело, а со тоа да обезбеди процент на излезност што е одраз на волјата на гласачите, имаме хистерични радикали што мавтаат со проценти. Со добар Избирачки список ќе имаше причина повеќе за реалното мнозинство да слави без трошка резерви и сомнеж. Квалитетен Избирачки список ќе нѐ поштедеше од „аргументите“ на оние на кои им одговара политичка криза, па и распад на државата, само да си ја спасат кожичката, кога веќе крокодилските солзи не помагаат… Со тоа, немаше да има потреба човекот повторно да биде третиран како бројка, туку како човек.
И ова не е крај. За другите аспекти на политизираниот, арогантен и неспособен систем, во следните епизоди на Жолтко и Лутко, поточно „рафали“ на вашиот верен „пушкомитралезец“ (инаку приговарач на совеста, судски прогонуван поради одбивањето да служи војска). Освен ако сите заедно не сме решиле сево ова да го покрие „ruzmarin, snjegovi i šaš“…
Дозволете ми, на крајот, длабоко да ви се поклонам за сите убави зборови, насмевки и поддршка што ми ги упатувате на улица и во пораки. За оние другите, немам што да кажам, сѐ си (при)кажуваат самите.