Министрите за труд и социјална политика и за здравство, Мила Царовска и Венко Филипче и претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, денеска го посетија Специјалниот завод во Демир Капија каде започнаа превентивни здравствени прегледи за лицата сместени во институцијата. Прегледите опфаќаат општ систематски, како и целосен гинеколошки, дерматолошки и стоматолошки преглед.
Министерката Царовска при посетата на Заводот рече дека Министерството забрзано работи на деинституционализацијата чија цел, како што рече, е сите граѓани, сите деца да имаат еднакви можности, хумани и достоинствени услови за раст и развој. Додека тече овој процес, според Царовска, неопходно е на лицата коишто се сместени во Демир Капија да им се обезбедат подобри услови за живот.
– Систематските прегледи се само еден дел од поголемиот број активности што ги правиме за да обезбедиме достоинствен живот на лицата кои се сместени во оваа институција – рече министерката Царовска.
Според министерот за здравство Филипче, секој има право на здравствена заштита.
– Со овие активности започнува воспоставување систем за континуирана здравствена заштита на сите лица сместени во различни видови институции – истакна тој.
Претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, вели дека УНИЦЕФ заедно со Владата и другите партнери веќе работи на трансформирање на сите институции во кои се сместени деца и на нивно згрижување во семејна средина, каде секое дете ќе добие соодветна грижа, љубов и достоинство – нешта што сите ги очекуваме за нашите деца.
– Додека трае тој процес мора да обезбедиме здравствена грижа за децата сместени во институции затоа што тие имаат подеднакви права на здравствена заштита и стоматолошки услуги како и сите други деца – рече Перкс.
За реализирање на денешниот преглед во Демир Капија беше ангажирана мобилната гинеколошка амбуланта од кумановската болница со лекар и медицинска сестра, како и мобилната единица за систематски прегледи составена од рентген техничар, лаборант и медицинска сестра од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза. Стоматолошките прегледи ги спроведе тим стоматолози од Здравствен дом – Кавадарци.