Се понеизвесно станува дали САД со воена акција ќе одговорат на наводниот хемискиот напад во саботата во сирискиот град Дума.
Последиците од евентуален американски напад врз Сирија можат да бидат катастрофални, бидејќи може да се вмеша и Русија, која е долгогодишен сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Вашингтон за нападот ги обвини Русија и Сирија. Сириската Влада и официјална Москва негираат каква било вмешаност во нападот во Дума, при што загинаа најмалку 70 лица, а околу 500 луѓе побарале лекарска помош поради труење.
Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) уште нема соопштено дали во Дума беше употребено хемиско оружје.
Додека западните земји се подготвуваат да ги поддржат САД, се погласни се и предупредувањата од дел од светските актуелни и поранешни лидери дека воена акција во Сирија може да предизвика несогледливи последици, како за регионот, така и пошироко.
САД, Велика Британија и Франција се согласија дека ќе дејствуваат со заеднички сили и најверојатно се подготвуваат за напад. Британската премиерка Тереза Меј е подготвена да дозволи учество на британската војска во воена акција.
Според британските медиуми, Меј наредила британски подморници да се распоредат така што Сирија ќе биде во дострел на ракетите и да бидат подготвени да ја нападнат сириската армија.
„Дејли мејли“ повикувајќи се на неименувани извори во британската Влада, објави дека Лондон „прави се што е потребно“ за да биде во можност да испука крстосувачки ракети „Томахавк“ од подморниците кон воени цели во Сирија.
– Употребата на хемиско оружје не може да мине без одговор, изјави вчера Меј, нагласувајќи дека „се упатува на тоа дека за нападот е одговорен сирискиот режим“.
Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека одлуклата ќе ја донесе во следните денови, додавајќи оти Париз е подготвен да дејствува, ако се докаже дека е употребено хемиско оружје во Дума.
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис синоќа изјави дека е подготвен да му достави на претседателот Трамп план за воена акција за Сирија.
– Се уште анализираме податоци на разузнавањето и на нашите сојузници, се уште работиме на тоа. Подготвени сме да обезбедиме воени опции, ако тоа е прифатливо за претседателот доколку се одлучи на таков чекор, изјави Матис.
Сирискиот центар за мониторинг на човекови права вчера објави дека провладините сили во Сирија се повлекуваат од главните аеродроми и воздухопловни бази поради евентуални воздушни напади од страна на САД. Според „Њујорк тајмс“ сириските авиони се преместени во руската база во близина на Латакија, а дислоцирани се и руските сили и опрема.
Авиокомпаниите веќе ги откажуваат прелетите над Сирија.
На Твитер денеска беше објавено дека американско воено летало од типот „Боинг Е-4Б Најтвоч“, познат како „Авион на Страшниот суд“, полета од воздухопловната база Рајт Петерсон во сојузната држава Охајо.
„Боингот Е-4Б Најтвоч“, кој ја има улогата на национален воздушен оперативен центар, е наречен „Авион на Страшниот суд“ затоа што се смета дека тој би бил користен во случај на нуклеарен воен конфликт.
Американското Министерство за одбрана засега ниту ги потврди, ниту ги демантираше ваквите информации. Портпаролот на Пентагон, Том Кросон изјави дека Минисетсрвото не објавува никакви дополнителни информации во врска со ова тврдење.
Се погласни се и апелите за смирување на тензиите.
Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш изјави дека стравува оти ситуацијата во Сирија може да излезе од контрола.
– Изразив незадоволство вчера од информациите за употреба на хемиско оружје во Сирија. Јас исто така многу внимателно ја следам ситуацијата во Советот за безбедност на ОН и жалам што до сега не е постигната согласност за тоа прашање, посочи Гутереш.
Тој додаде дека разговарал со претставниците на петте постојани земји членки на СБ за опасностите од сегашната ситуација.
– Ја потенцирав и неопходноста да се избегнува ситуацијата да излезе од контрола. Да не заборавиме, дека на крај нашите напори треба да бидат насочени кон прекин на страшните страдања на Сиријците, посочи Гутереш.
Претходно и тускиот министер за одбрана Нуретин Џаникли предупреди дека потенцијалниот конфликт помеѓу Русија и САД во Сирија би можел да го запали Блиски Исток.
– Доколку се случи напад врз силите (во Сирија), кои се поддржани од Русија или се нападнат силите кои се поддржани од САД, Русија нема да може да се држи по страна или ќе го изгуби своето влијание. Така што може да почнат сериозни судири, изјави Џаникли.
Тој додаде дека таквата опасност е присутна подолго време.
– Само една искра може да го запали целиот регион и да ја отвори вратата за судирите, наведе Џаникли, при тоа упати апел до Русија и до САД да дејствуваат воздржано, а режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад да престане да ги поддржува терористичките организации.
И покрај предупредувањата и апелите да надвладее здравиот разум, поморските флоти на Русија и на САД веќе се на готовс, количеството на оружје што би можело да биде употребено е огромно.
Американскиот разурнувач „Доналд Кук“, кој е на околу 100 километри од Тартус, каде се наоѓа поморската база на Русија, е опремен со 50 крстосувачки ракети „Томахавк“. Кон Сирија е испратен и носачот на авиони „Хари С. Труман“, а го придружуваат крстосувачот „Нормандија“ и четри разурнувачи – „Арлеј Бурк“, „Булкелеј“, „Форест Шерман“ и „Фарагут“. Американската флота е придружена и од германската фрегата „Хешен“.
Од друга страна во Средоземно Море се наоѓаат група борбени бродови на Русија, меѓу кои и дизел подморници, вооружени со ракетите „Калибар“. Во базата Хмејмим стационирани се авиони ловци и бомбардери, вклучително и најновите авиони Су-57.
Русија располага и со „Бастиони“ крајбрежни ракетни комплекси со високопрецизни противбродски ракети „Јахонт“ и „Оникс“. „Бастиони“ можат да погодат бродови во радиус од 350 километри.
Руските единици во Сирија имаат и „Панцир-С1“, самоодни противвоздушни ракетни системи, а руската база во Сирија е заштитена и со комплексите за противвоздушна одбрана С-400.
Ако САД ја нападнат Сирија пред извештајот на ОПЦВ, Вашингтон ќе биде обвинет дека не ги чекал резултатите и оти наводниот напад е само изговор за интервенцијата. САД се уште само вербално и се заканува на Сирија, но ако преземе акција, тоа ќе биде втора операција врз сириската армија.
По хемискиот напад во Хан Шејкун во Сирија во 2017 година, Трамп нареди напади врз сириска база од каде беше изведен нападот. Ракетите беа истрелани од американски воени бродови на Медитеранот, а оштетија патишта и хангари, кои брзо беа поправени. Тој напад беше оценет како симболичен, додека по нападот во Дума, Трамп најверојатно ќе биде принуден да се покаже како „силен лидер“.
Евентуални цели на вториот американски напад би биле сириските бази и воената авијација. Нападот би можела да го изведе американската поморска флота стационирана во Источен Медитеран. Воени авиони има и во Катар и на носачите на авиони распоредени во Персиски Залив, од каде се напаѓаат позициите на Исламска држава.
Но, проблематични би можеле да бидат прелетите над Ирак и над Саудиска Арабија, па како опција се наведуваат крстосувачките ракети. Ако на нападите се придружи Велика Британија нападот може да се изведе од базата на Кипар.
На таквиот напад можно е Русија да ги активира системите за противвоздушната одбрана С-400, кои се стационирани во Сирија повеќе од една година. Руската армија неколкупати ги вклучуваше системите, но до сега не ги има искористено.
Сириската армија не би можела да возврати на нападот од САД, бидејќи сириските сили се истрошени во седумгодишната војна, а сириските системи за одбрана се делумно уништени при израелските напади.
Клучно прашање е и како би реагирала Русија, како сојузник на Асад, на нападот на САД. Вашингтон ќе се обиде да ја избегне конфронтацијата со Русија, која објективно е опасност од почеток на трета светска војна, а можеби и на нуклеарен напад.
Можеби Русија не би реагирала на американската интервенција, а можно е да го активира противвоздушниот систем С-400 и да собори еден или неколку американски или сојузнички авиони, а може и да потопи брод од кој би биле лансирани крстосувачките ракети. САД на тоа би возвратиле со бомбардирање на противвоздушната одбрана, а и на базата Хмејмим или поморската база Тартус.
При таква ситуација, потенцијалот за ескалација е многу голем, а во судирот може да се вклучи и Израел, кој одамна изведува напади во Сирија со цел да го спречи јакнењето на иранските сили и либанскиот Хезболах на својата граница.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денескаа повика на акција против Сирија, поради сомнежите дека сириските владини сили извршиле напад со хемиско оружје во градот Дума.
– Настаните од последните денови не учат дека борбата против злото и агресијата е мисија, која секоја генерација треба да ја преземе. Ги видовме сириските деца, кои беа убиени со хемиско оружје. Срцата ни се раскинаа од ужасната глетка, изјави израелскиот премиер во говор по повод Денот на сеќавање за жртвите на Холокаустот.