Синот на посебната советничка на премиерот Зоран Заев, Ленче Николовска, професионално е ангажиран од страна на Фондот за иновации и развој, обвини опозициската ВМРО – ДПМНЕ.
Според портпаролот Димче Арсовски ова не би било ништо скандалозно доколку мајката на Илин Николовски не беше посебна советничка за земјоделие на Зоран Заев со бруто плата од 75.000 денари. Плусинфо побара од советничката Ленче Николовска да ни објсни за што станува збор и дали нејзиниот син Илин е вработен во Фондот за иновации, но до објавување на оваа информација не добивме одговор.
Фондот за иновации и технолошки развој во објаснување побарано од новинари вели дека Николовски не е вработен, туку е ангажиран како надворешен соработник со Договор на дело за вршење на привремени работи за потребите на Фондот.
„Договорот е со временски определен рок кој истекува во декември годинава. Николовски, меѓу другото е задолжен за активности поврзани со одржување на веб страната на Фондот и поддршка во реализација на различни настани“, се вели во одговорот на Фондот за иновации на новинарските пршања.
Арсовски, по ова реагираше и бараше образложение од Фондот, според кој критериум и од кога синот на посебната советничка на Заев е ангажиран да работи за Фондот за иновации?
-Како е можно баш децата на функционерите на СДСМ да се најквалитетни и да се вработуваат по институциите? Колкава е висината на платата што ја добива синот на Ленче Николовска за работата што ја работи во Фондот за иновации? Ова не е прв случај во Владата на СДСМ каде што функционерите си ги вработуваат своите деца во државните институции. Ова не е прв случај каде што децата на функционерите од Владата се поспособни од било кој млад човек во нашата држава – реагира Арсовски, кој обвини дека единствен критериум за вработување во СДСМ е да бидеш во блиска или во роднинска врска со некој од функционерите.