Откако синот на пратеникот Горан Мисовски, Кристијан, си даде отказ од работното место во Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), се огласи на Фејсбук потенцирајќи дека нема ништо спорно во неговото вработување за кое работно место тој бил единствениот што се пријави. Но, како што напиша, поради притисокот се повлекол.
„Драги пријатели и непријатели, во изминатите неколку дена јас и мојата фамилија бевме мета на јавни прозивки упатени во врска со моето вработување во АСО. Со чиста совест тврдам дека сите критериуми кои беа поставени во јавниот оглас (повторувам јавниот оглас) за времено вработување во АСО на 12 месеци како соработник за супервизија на осигурување, во потполност ги исполнувам. Бев повикан на интервју, а бидејќи немаше други пријавени кандидати (потенцирам) на јавниот оглас за вработување, како единствен пријаен кандидат кој ги исполнува условите за временото вработување на 12 месеци бев вработен. Иако знам дека нема ништо спорно во врска со моето вработување во смисла на прекршување на каква било процедура за вработување, сепак чувствувајќи морална одговорност и под голем притисок на јавноста одлучив да поднесам отказ на работното место. Се надевам дека сега барем дел од јавноста ќе може малку да здивне и да почувствува барем мало задоволство бидејќи успеа преку притисок и хистерија да натера некој човек во државава да повлече потег штетен за себе покажувајќи интегритет и дигнитет“, напиша Кристијан Мисовски.
Покрај синот на пратеникот Мисовски, од работното место се повлече и мајката на пратеникот и портпарол на СДСМ, Констандин Костадинов, која се вработи во подрачна единица на Централниот регистар во Струмица.