Виктор Стојчевски, синот на пратеничката Мира Стојчевска, најави на својот Фејсбук профил дека ќе си даде отказ од работното место во ЕЛЕМ, како што вели, од морални причини.
Ова уследи по одлуката на Антикорупциската комисија која потврди дека неговото вработување во ЕЛЕМ е спорно, но и откако премиерот Зоран Заев вчера нареди до владините институции на лицата кои се вработени на тој начин веднаш да им се прекинат работните односи и да се повлечат. Тој побара професионална и политичка одговорност од сите нив.
„Сакам да ја известам јавноста дека јас како дипломиран геодетски инженер на Градежен Факултет – Скопје при УКИМ, свесен за моите знаења и способности имам капацитет да работам во било која компанија од приватниот и државниот сектор каде што се бара геодет. При крај сум со магистерските студии на Градежниот Факултет и имам желба и намера да се посветам на мојата професионална кариера.
Јас не сум јавна личност и не сакам повеќе моето име да се провлекува во јавноста.
Во таа насока, сакам да ве известам дека по одлуките на вчерашната седница на ДКСК, од морални причини решив на 30.04.2019 (вторник) да го доставам моето барање за отказ од АД ЕЛЕМ и да се повлечам од работното место“, напиша Стојчевски на Фејсбук.