Синдикатот на културата: Зголемување на платите до Нова година или протести

Културата остана единствената гранка во јавниот сектор во кој платите не се уредени. Платите во културните и уметничките институции се сè уште најниски во јавниот сектор - изјавија од Синдикатот

160

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) го изразува своето незадоволство и револт заради необезбедувањето на средства во буџетот за следната година по однос на зголемување на плати за вработените во културните и уметничките институции.

-Како што знае јавноста и како што ни беше ветено од Министерството за култура, до крајот на оваа година требаше да биде донесен новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и да се обезбедат средства за нов Колективен договор. Но, Законот се уште не е донесен, а средства за Колективен договор не се обезбедени. Во разговор со Министерот за култура ни беше образложено дека доцнењето на Законот за култура е последица на измените во Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници кои сè уште се во подготовка и во кои треба да се вметнат промените што се извршени во предлог Законот за остварување на јавниот интерес во културата со цел трите закони да бидат усогласени – соопштија од Советот на Синдикатот на културата на Република Македонија, по денешната прес-конференција.

И покрај тоа што СКРМ има разбирање за успореното темпо во усвојувањето на Законот за остварување на јавниот интерес во културата, а со тоа и за потпишувањето на Колективниот договор, сепак, според Синдикатот, ова не го ублажува револтот и разочарувањето од состојбата во која се наоѓаат вработените повеќе од една деценија

Од Советот на овој синдикат информираат дека како преоден чекор кон потпишување на Колективен договор, бараат нивелација на платите во рамките на дејностите преку која делумно ќе се амортизираат моментално катастрофалните состојби каде што за работни места со ист степен на сложеност и одговорност се исплаќаат различни плати.

-Барањето за нивелација на платите е испратено до Министерството за култура и очекуваме одговор, а поднесен е и амандман од страна на пратеници во кој се бара преку Собранието на Република Македонија средствата за нивелација да бидат изгласани и вметнати во буџетот за следната година. Според пресметките направени во Министерството за култура, за нивелирање на плати се потребни околу 75.000.000 денари – велат од овој Синдикат.

Од Советот нагласуваат дека вработените во културните и уметничките институции веќе 12 години чекаат Колективен договор.

-Културата остана единствената гранка во јавниот сектор во кој платите не се уредени. Платите во културните и уметничките институции се сè уште најниски во јавниот сектор. И не можеме да зборуваме за културен и уметнички развој во државата кога оние кои што ја создаваат уметноста, оние кои се грижат за културното наследство, библиотечните фондови и кинотечните збирки се на работ на егзистенција. Уметниците и културните работници веќе немаат трпение – соопштија од овој Синдикат и предупредија „доколку не бидат обезбедени средства за нивелација до 31. декември годинава, во новата година уметниците и културните работници ќе влезат со блокирање на институциите и со излегување на улица“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...