Синдикатите преку протест побараа подобрување на правата на работниците

Синдикалниците рекоа стоп и за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

134

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски денеска ги достави барањата на синдикалците до Владата, со кои меѓу другото се бара подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници и подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор.

Синдикалниците рекоа стоп и за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Ова беше финишот од денешните првомајски протести кои ги организаираа повеќе синдикати од различни локации и ги завршија заедно пред зградата на Владата.
Димовски пред собирот рече дека е ова нов почеток на враќање на довербата во синдикалното движење.

– Ќе се справиме со сите што ќе ги издадат работничкото движење и Синдикатот – рече Димовски.

Димовски рече дека единството на синдикатите сега е повеќе од потребно зошто работничката класа е разбиена.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Тамара Чаушидис пред почетокот на Првомајскиот протест посочи дека бараат пристојни услови за работа и пристојна плата.

– Изминативе неколку години дел од синдикатите не се согласија да молчат. Беа на улица, денеска се повторно на улица. Добивме многу ветувања, но ситуацијата не се подобрува, истакна Чаушидис, додека учесниците на протестниот марш полека се собираа пред скопскиот плоштад „Карпошово востание“.

Протест по повод Меѓународниот ден на трудот денеска имаше и Конфедерацијата на синдикалните организации. Ова синдикално здружение протестираше против законот за извршители и заедно со повеќе други граѓански организации најави протести се до измена на законот за извршители..

– Протестираме против извршителите. Бараме  итно стопирање на сите блокирани сметки на граѓаните и нов закон за извршување – рече Ана Глигорова на платото пред владата.

Членовите на ССМ протестниот марш по повод одбележувањето на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот го почнаа пред зградата на ССМ под мотото „Патиштата се различни, целта е една“.

Првомајскиот марш се поклопува и со 110-годишнината од синдикалното движење и организирање во Македонија

Неколку години наназад, почнувајќи од 2010 година, ССМ со претходното раководство го одбележуваше 1 Мај со кампањи за одредени области од заштитата на работничките права и како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како што беа Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за минимална плата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...