Среќна сум што расте процентот на поддршка за мене кај Албанците во Македонија. Бидејќи на избори одат поединци, а тоа се моите бивши и сегашни студенти, тоа се тие на кои им бев ментор, наследници на моите побратимци од Кичево и знаат што е беса. Знаат да препознаат кој е нивниот претседател. И одговорно тврдам дека тоа ќе го остварам, порача претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова пред граѓаните на Центар.
– Единствена реформа која што ја направи оваа власт за жал е болната реформа на името. Ама како што гледате не сум јас таа што живее во облаците на правото и правдата, и на идеализмот. Чувте што мисли Кире Лазаров, и дали тој го употребува името Северна Македонија, кога ќе ја прослави Македонија, како победничка со Исланд. Не, така мислат најголем број не само Македонци туку и луѓе во Република Македонија. Не се менува името туку така – потенцира Силјановска.
Таа посочи дека во системот на поделба на власта одамна нема Собрание. Оти Собранието е место за жестока дебата, за спротивставени ставови, за градење консензус, но пратениците тие 81 само креваат раце за одлуки што веќе се донесени на друго место.
– Правната држава ќе биде нашата заедничка партија, зошто без правна држава не може да има демократија – истакна Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова вети пред граѓаните во Општина Центар, дека таа ако биде претседателка ќе ги наградува само оние кои се за наградување, оние кои се познати по своите креации, по своите научни успеси, по своите спортски успеси. Тогаш граѓаните ќе препознаат некој кој што верува во меритократијата, а не во партизацијата и политизацијата.
– Доаѓа 21-ви април, знам сите сме загрижени после она што се случуваше во рефендумот,а се уште нема покренат ниту решен случај, а знаеме дека рекордери не само по загаденоста, не само по најнискиот индекс на човечки капитал, туку и по брзината на гласањето. Се надевам дека присуството на набљудувачи ќе ја ублажи оваа опасност. Но јас ве молам и мислам дека не постои поголема брзина од масовното учество на изборите, што повеќе граѓани на изборите, тоа е посилна гаранција за фер и демократски избори – рече Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова на крај на граѓаните од Општина Центар истакна дека ако победи на овие избори, ќе се види дали премиерот ќе го одржи зборот барем еднаш и ќе распише предвремени парламентарни избори. И се знае однапред кој ќе победи на тие избори, Македонија. Правдата во Македонија ќе победи и ќе го турне ова црнило кое владее сега.