Силјановска порача да не се бојкотираат изборите

267

Немојте да ги бојкотирате претседателските избори, порача кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова, од митинг во Неготино.

– Го имате мојот човечки и женски збор. Моето ветување. Нашата женска интуиција дека победата на претседателските избори значи отворање на демократски порти за нова парламентарна коалиција создадена врз основа на предвремени парламентарни избори – нагласи таа.

Кандидатката за претседател најави одговорен Уставен суд, преку реформи да се стигне до Европската Унија. Промените, рече дека доаѓаат и поради тоа што таа е жена.

– Но ако овие триесет години во Македонија, главно на власт беа мажите, мислам дека мажите исто така би сакале да видат еден поинаков начин на практикување на власта. Ние жените дома најчесто ги водиме сите министерства. Од она за социјална политика и труд, преку здравство, до образование. Ја учиме школата на управувањето, менаџирањето – нагласи таа.

Во својот говор, како кандидатка за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се осврна и на неопходноста од зачувување на идентитетот.

– Ние и кога сме немале држава, сме биле Македонци. Односно, се создавала македонската нација како процес. Тој процес бил крунисан кога сонот станал реалност. На АСНОМ, во далечната 1944 година. Ништо не сме украле, ниту позајмиме од некого – рече Силјановска Давкова, нагласувајќи дека имаме должност кон претходните но и кон идните генерации, да го сочуваме идентитетот.

Таа се осврна и на неинтонирањето на химната велејќи дека тоа било поради страв и срам на оние кои не се доволно патриоти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...