Само тројца од девет кандидати ќе влезат во трката за претседател на државата на 21 април. Државната изборна комисија денеска потврди дека Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река во предвидениот законски рок ги собрале потребните потписи.
– Од вкупно девет кандидати кои собираа потписи во нашите подрачни одделенија и канцеларии, најмалку 10.000 потписи што се потребни за поддршка на кандидатура собраа тројца кандидати и тоа Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река. Останатите кандидати не ги собраа потребните потписи, изјави денеска портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска.
Силјановска-Давкова, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ собрала 15.926 потписи, а Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, собрал 31.729 потписи. Блерим Река, поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, собрал, 11.128 граѓански потписи.
Пендаровски и Силјановска-Давкова имаат поддршка и од најмалку 30 пратеници.
Таа посочи дека тече јавниот увид во избирачкиот список, истиот е отворен за увид до 14 март до 24 часот.
Гугучевска рече дека до вчера вкупно 50.572 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии и оти се донесени 119 решенија за запишување во Избирачкиот список, 107 решенија за бришење од Избирачкиот список, како и 29 решенија за промена на податоци во Избирачкиот список.
– Апелираме до граѓаните најдоцна на 14 март да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список, и доколку имаат потреба, да поднесат барање за запишување, бришење или промена на податоци во нашите подрачни одделенија или канцеларии – додаде портпаролката на ДИК.
Во тек е и пријавувањето за гласање во странство, а до денеска се поднесени само 920 пријави, од кои пет се одбиени.