Силјановска од Тетово: Не може да се разбираме преку преведувачи

805

Знам што најмногу го тишти Тетово, јас не сум националист. Јас сум човек роден во турска куќа, човек кој израснал со побратими не може да биде националист. Меѓутоа не можам, а да не кажам дека јазикот е најважниот код за комуникација, особено во мултикултурно, мултиетничко општество. Не може да се разбираме преку преведувачи. Да, Конески велеше дека јазикот е татковина, ама ние знаеме колкупати кога сме биле изгубени во преводот не сме знаеле што навистина било предмет на разговорот, порачла кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова на митингот во Тетово.

Таа објасни дека не агитира само за еднојазичност, монојазичност. Нема ништо против проширување на јазичните права, но треба да биде водена од правото и правдата и ако е тоа во рамките на Уставот и Рамковниот договор.

– Ако на корицата на законот стои насловот „Закон за употреба на јазици“ тогаш внатре барате во првиот член да видите кои се тие јазици. И очекувате таму да бидат наброени албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот бидејќи тие се службени јазици во единиците на локалната самоуправа зошто така таму каде што се над 20%, а може и таму каде што не се 20% ако така одлучи Советот, зошто така вели Уставот, односно амандманот 5, член 7 – појасни Силјановска Давкова.

Силјановска додаде дека не е така бидејќи на корицата имате плурал, а на првата страница има сингулар односно во еднина. И во заграда си пишува дека е тоа само албанскиот јазик. И според ова флоскулата на власта едно општество за сите не држи.

– Наскоро ние можеме да се соочиме со парализа во судскиот систем. Имено дури и во ЕУ, дури и во судот во Луксембург на еден јазик почнува постапката и на тој јазик завршува. Зошто? Оти замислете сега како ќе одговориме на прашањето па кој закон е вистинскиот. Документите на кој јазик се вистински, кои се автентичните тоа се ќе создаде проблеми – истакна Силјановска Давкова.

Според неа, со законот за употреба на јазици ќе се создаде хаос во институциите, претпријатијата, факултетите. Таа не критикува од националистички причини туку критикува врз база на правото.

Силјановска  потсети дека власта се води со политика која е спротивна и на македонското уставно право и на меѓународното задолжително право.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повеќе зборува и со право за економијата, а јас само ќе кажам дека креирањето на добра економска политика, водењето на просперитетна економија, либерална економија е многу важно не само за имиџот и успехот на една влада, но тие се именуваа како реформска влада. Сите повторуваа рефомска влада, а ние се прашувавме како во старт реформска влада. Нели треба една влада низ чекори, низ потези, низ успеси да покаже дали е реформска или е антиреформска. Ама оваа влада е антиреформска – истакна Силјановска Давкова.

Според неа, потребни се суштински промени, први на претседателските избори, а вторите на парламентарните предвремени избори.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...