Силјановска не ѝ верува на Давкова

3711

Силната партиска прегратка во која Мицкоски ја има стегнато својата претседателска кандидатка уште пред претседателската кампања и да започне, ризикува да ѝ ги скрши сите нежни политички ковчиња на Силјановска-Давкова. Мицкоски решил до крај да ја исцеди за потребите на својата, најголема, фракција во главната опозициска партија, па Силјановска-Давкова ќе мора да ја одработи агендата за зацврстување на легитимноста на неговата претседателска позиција, проект што самиот тој го процени на освоени 500 илјади гласови.

Сите знаат дека тоа е претерано, но дали и 350 илјади е достижна изборна цифра? И дали таа бројка обезбедува лидерска консолидација на Мицкоски во партијата?

Таа веќе е прогласена за претседател, бидејќи секаков друг изборен резултат ќе значи дека изборите не биле фер и демократски. Професорката, пак, ужива во започнатиот претседателски мандат. Гласањето ќе биде формалност.

Жената која на своето моминско презиме Силјановска го додала презимето на сопругот Давков, не се согласува со додавката Северна пред Македонија. Останала без идентитет. Со Северна, не со Давкова, бидејќи Силјановска е за Македонија, а Давкова е нешто како Северна, што значи дека идентитетот се дефинира со додадената северност, а не со родната Македонија.

Но, темелот врз кој почива нечиј идентитет е длабоко интимно прашање и му нема помош, освен респект, на оној кој се чувствува дека го загубил. Но, со оглед на политичката реалност – бидна што бидна, туривме „Северна“ – паметно ли е да се бира претседател кој признава дека идентитетот му е толку разнишан, што не знае како што да се чувствува? Не е ли помудро на таквиот претседателски кандидат да му се остави време да се соземе, на мир да се соочи со последиците од загубениот идентитет, да се обиде повторно да се пронајде себеси, наместо да го доведуваме во дополнителен стрес со претседателски обврски? Ни нејзе, ни нам нема да си направиме услуга со тоа, напротив, фрустрациите само ќе растат, што може да доведе до разни последици од психосоматски и политички карактер.

А потоа онаа здодевна, застарена, националистичка теорија – таман како излезена од најконзервативните кругови на Правниот факултет на УКИМ – дека мнозинството, односно „демосот“, значи „народот“, е носител на суверенитетот и дека политичарите мораат да клекнат пред тоа мнозинство и да го молат да му служат во негово име, слично како што ономад Мицкоски клекна на некој од партиските митинзи… Либералната демократија од овие „народњачки“ наклапања е токму толку далеку, колку што правната држава е далеку од концептот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа како треба да се владее во Македонија.

Значи, ем кандидаткава има разнишано либидо за сопствениот национален идентитет, ем ќе треба да предводи држава (Република Северна Македонија, нота бене) која штотуку ќе влезе токму во „распродажба“ на државниот суверенитет во процесот на интеграцијата во ЕУ. Има ли начин деликатната претседателка Сиљановска-Давкова, вака тешко ранета во срцето на својата концепција за смислата на политичкиот свет што ја окружува, да не полуди за време на вршење на својата функција?

Затоа и ви велам: после фикус, нè чека кактус. Претседателката ќе биде малку полоша од претседателот, бидејќи идеолошките ставови ѝ се подогматски, а ја нема онаа лефтерна ментална димензија со која би нè забавувала дека сме директни потомци на Александар Македонски, што делуваше така освежително за време на летните скопски жеги.

И, навистина, доста веќе со тие фри-шопови, има толку многу подобри причини да не се гласа за професорката на претстојните претседателски избори, срамота е што на жената ѝ се вадат тие прикаски од пред триесет години за црните вреќи полни со пари… Па, кој најде да збори, СДСМ, во чија, токму нивна, влада професорката беше министер! Нашло лонче капаче…

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...