Јас овој величествен собир овде го сметам за таква форма на директна демократија, ние сме овде да ве чуеме вас, ви сте овде да ги чуете нашите ветувања, ние сме овде да ве увериме дека се што ќе чуете ќе го запаметиме и ќе го спроведеме, за разлика од оние другите кои се што кажуваат веднаш забораваат, а потоа не се сеќаваат па дури и го негираат, рече претседателскара кандидатка Гордана Силјановска Давкова од собирот со граѓаните на Кисела Вода.
– Она што оваа власт стори, а немаше легитимитет за тоа е промената на името. Единствената промена што ја направија директно не засега сите нас. Тоа е болно, страшно бидејќи се што сме правеле во животот, се што сме читале, се што сме пишувале, се што сме сонувале било врзано за Република Македонија. Значи никој нема право, односно нема мандат, ако на изборите во изборната програма не го нотирал тоа дека ќе го прави потем да го спроведува. Тоа е она што ние го велиме теорија на мандатот, тие се водат на начелото „Фати го моментот. Земи се што ќе можеш. Вработи ги своите. Узурпирај ја економијата. Стави го Уставот в џеб. Биди покорен кон оние за кои што мислиш дека се посилни.“ – рече Силјановска Давкова.
Таа истакна дека секој ден македонскиот народ слуша како власта се фали дека е успешна на секое поле, за што ќе добиеле дури и Нобелова награда за мир. Се фалеле со зголемена вработеност, но никој не знае која е бројката на вработените. За корупцијата и криминалот веќе човек не знае што да каже. Станаа секојдневие. Станаа нешто нормално, а сосема ненормално е. Секој ден се случуваат во неограничени размери. Од друга страна сите укажуваат дека земја со корупција и криминал е земја со загрозен суверенитет. Земја со корупција и криминал е земја со загрозена безбедност. Земја со корупција и криминал може лесно да биде мета на терористички закани, ама тие живеат во нивниот свет, во нивниот богат мирен свет, далеку од вашиот и нашиот. Тој свет набрзо ние ќе го предизвикаме, тој свет ние набрзо ќе го срушиме – истакна Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова вети дека ќе почнеме да градиме нов свет, свет на право, правда и правичност.