Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг во Струмица рече дека градот за неа е асоцијација на претседателот Борис Трајковски.
– Соработував со него кога се носеше законот за локална самоуправа и за територијаната поделба. И името на Пандев многу значи. Многупати ме направил среќна и горда – рече таа.
Таа ја обвини власта дека не само што го заборава ветеното, политичкото, туку го заборава и минатото.
– Ја заборавија дури и химната, а химна не се заборава, химна секогаш се пее, зошто таму каде што нема химна, нема држава, ама ја нема нивната држава, нашата е со нас и кога ја пееме и кога се радуваме на неа и кога плачеме со неа – истакна Силјановска.
Зборувајќи за промената на името, таа праша зошто ако може Србија на Србите, Бугарија на Бугарите, Грција на Грците, да не можеме, како што рече, да кажеме Македонија на Македонците.
Силјановска во Струмица рече дека во меѓународното право се споредуваат држава со држава, регион со регион.
– И знам неколку региони во САД кои се викаат Македонија. И на „Титаник“ кога се качиле некои патници од Македонија ги напишале дека се Македонци. Кога ќе речете Република Македонија тоа значи држава, а не регион. Тие нека уживаат во нивниот регионален идентитет, а ние државниот. Како може да не е од идентитетот нешто со што сум се родила со што сум се идентификувала – рече кандидатката за претседател.