Интонирање на химната без текстот е противзаконски, бидеќи според закон химната има и текст и музика, рече кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг од Битола.
– Уште еднаш го проверив Законот за химната. Во него јасно се вели дека таа химна има текст и музика, а да се пушта само музика, нешто што сега се практикува, е спротивно на законот. Тој закон се носи со 2/3 мнозинство исто како и Уставот. Тоа е срамно, а затоа треба да ги предупредиме на почитување на владеење на правото – истакна Силјановска.
Таа рече дека сме далеку од владеење на правото, не се справуваме со корупцијата и со криминалот.
– ЕУ вели дека ќе ги казнува земијте членки кои ќе ги кршат правилата на правната држава. Како ќе добиеме датум? Хан вели следувала подготвителна фаза за преговори. Па до кога ќе се подготвуваме? Сега веројатно ќе велат дека ЕУ си има сопствени проблеми, треба да го среди сопствениот двор – рече Силјановска.