Силјановска за МИА: Новото име е правен факт

На прашањето, зошто таа, а не Пендаровски или Река, за иден претседател, кандидатката за претседател вели: затоа што ние жените не лажеме, затоа што сега јас сум златната средина во општеството и затоа што е предизвик, ајде дозволете да видиме дали жените лажат, дали навистина не ги решаваат проблемите, за да можеме низ компарација да извлечеме една родова перцепција.

295

Поголема проактивност во вршењето на функцијата, доколку биде избрана за претседател на државата, најавува кандидатката Гордана Силјановска-Давкова, која ја има поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за МИА. Ако биде претседател при употребата на ветото за одреден закон, таа својата постапка ќе ја образложува пред пратениците, со цел, како што вели, да се зајакне демократијата, но истакнува дека нема да го избегнува потпишувањето на законите заради името Република Северна Македонија.

За неа Договорот од Преспа е асиметричен, решението е неодржливо, но напоменува дека новото име не само што е реален, туку е и правен факт и оти доколку таа дојде на функцијата не значи дека веднаш ќе се стави во акција да го тргне. Не се сомнева дека грчката опозиција еден ден ќе го прифати Договорот од Преспа, за македонската не даде одговор.

За нејзината програма, што таа би сторила за институцијата претседател, доколку биде избрана, каде би ги подобрила работите, што би додала или одзела, за нејзината подготвеност да кохабитира со актуелната власт, за перспективите на земјава за интегрирање во НАТО и во ЕУ, но и за жените во политиката разговаравме со Силјановска-Давкова.

Најавува дека ќе кохабитира со власта, вели таа знае како се гради компромис, но додава и дека ќе опстојува и на своите ставови за одредени прашања. Верува дека Македонија ќе влезе во НАТО по Преспанскиот договор, но смета дека тој е повеќе плод на геостратешка политика, отколку вистинско решавање на спорот меѓу двете земји. Влезот во ЕУ, според Силјановска-Давкова, е малку потежок поради реформите што се потребни на тој пат, а смета дека реформи досега не се направени, освен што изминатиот период било решено името.

Таа не даде директни забелешки за работата на досегашниот претседател Ѓорге Иванов, вели не сака да критикува колеги, но најави дека многу работи ќе ги прави поинаку, доколку биде избрана за шеф на државата. Почесто ќе се обраќа до Собранието, ќе ги сензибилизира пратениците за важни прашања, ќе го почитува принципот на меритократија секаде каде што претседателот има надлежности да именува, а ќе биде и поактивна во дипломатијата, особено во изборот на оние кои ќе нè претставуваат пред меѓународната заедница.

Силјановска останува на концептот за непосреден избор на претседател, но се залага за укинување на цензусот, за кој вели дека е непотребен со оглед на церемонијалната улога на шефот на државата, но, сепак, очекува на овие избори дека цензусот ќе биде исполнет.

Инсистира на повеќе жени во политиката, а зошто таа, а не Река и Пендаровски за претседател, вели дека таа е златната средина во општеството и нејзиниот избор би бил предизвик, бидејќи жените поинаку им пристапуваат на работите и жените не лажат.

Ќе може ли да ни кажете нешто повеќе за Вашата програма, со каква идеја влегувате во претседателската трка, каква е Вашата идеја за подобрување на институцијата претседател, како ја гледате институцијата во иднина?

Парламентарната демократија во светот денес е во тешка криза, особено на Балканот. Јас предавам политички систем, уставно право, ги знам компаративните состојби, ги знам и сум ги почувствувала македонските внатрешни состојби, повеќе од 30 години на факултетот, од 90-тите години навака. И во самостојна и независна Македонија сум ги нотирала проблемите, слабостите и сега дојде време кога тоа можам да го предложам, да предочам. Не знам дали тоа ќе се оствари, но ќе се обидам. Како професор по уставно право логично е да верувам дека претседателот треба да биде човек од народот, со народот. Често пати слушам дека можеби проблемите во парламентот и потрошените пари би се намалиле ако се избира од парламентот, но сметам дека тоа е еден од најпогрешните предлози. Во услови на нарушена рамнотежа на власта во корист на извршната, сета власт, вклучувајќи ја и претседателската, ќе се најде во раце на еден, на двајца, на неколкумина, и законодавната и извршната и судската. Знаеме во парламентот како се средуваат работите – со компромиси, со пазари, со уцени, со привилегии и тогаш двајцата лидери на најголемите политички партии, една македонска и една албанска, ќе си го договорат кандидатот, денеска нашиот, утре вашиот, и ние ќе имаме човек по мера на двајцата конзули, а не по мера на пратениците, кои во Македонија се гласачка машинерија, вежбаат постојано брзина на прстите во гласањето, не знам од кога не сме чуле дебата, мислам дека тоа е лошо решение.

Останувате на концептот непосреден избор, дали нешто друго би смениле?

Да, многу работи. Впрочем и Венецијанската комисија ѝ препорачува на Македонија во најмалку три извештаи да го тргне цензусот во вториот изборен круг за да не се соочуваме со евентуална блокада на процесот, бидејќи така функционираат компаративните искуства и тоа е еден модел, кој ако го гледаме низ призма на церемонијалните функции на претседателот е многу логичен.

Очекувате ли исполнување на предвидениот цензус?

Да, јас очекувам цензус. Мислам дека е важно да се излезе на овие избори, за да се делигитимира власта. Таа е делигитимирана уште по неуспешниот референдум, бидејќи сè што следуваше по референдумот не е врзано за изворот на суверенитетот, граѓаните, но ова би значело потврда на тоа и би довело до потреба од предвремени парламентарни избори. Велите што би направила, многу нешта би направила. Накусо, прво претседателот има овластувања во надворешната политика, тоа е поделена надлежност со МНР. Сметам дека кохабитацијата е многу важна, а ако јас победам тоа ќе се случи, кохабитацијата не е болест, туку е здрава можност, здрава вежба на консензус на државнички однос за прашања од национален интерес, но во оваа сфера сум имала и имам големи забелешки за дипломатите, за оние кои се нашиот лик во европското и меѓународното огледало. Мислам дека дипломатите треба да бидат исклучително квалификувани, исклучително одговорни, затоа што претставата за Македонија, првата и најважната, ја даваат тие. Да потсетам кои сè луѓе беа во дипломатијата, не само што не ја претставуваат Македонија таква каква што е, туку ја прикажуваат во уште полошо светло. Логично е да може да се отповика некој што не ја претставува земјата како што треба.

Дали тука би ја зајакнале улогата на претседателот?

Не би сакала да се зајакне улогата на претседателот, но претседателите досега не беа многу активни во дијалогот за стручниот профил на дипломатите. Сигурно би ја потенцирала, затоа што јас постојано потенцирам дека сум за меритократија, најдобрите да се најдат на вистинското место. Јас ќе инсистирам на тоа во оваа сфера. Ја користиме само традиционалната дипломатија, но не и инструментите на јавната, културна, економска, научна, спортска дипломатија. Тие се многу поефикасни. Тоа што може да го направи еден Симон Трпчевски или еден Милчо Манчевски, не можат многу диломати. Мислам дека тоа го пропуштивме во односите со нашите соседи, таа комуникација на едно друго ниво, а кога зборувам за економската особено е важна. Мислам дека имаме преголема мрежа надвор на амбасади, конзулати. Треба да го преиспитаме ова и важно е да се концентрираме токму на тие дестинации со кои би можеле да имаме извонредни економски релации.

Професорке, ќе морам тука да се надоврзам за кохабитацијата. Дали ќе кохабитирате со актуелната власт. Како ќе ги изгладите несогласувањата околу одредени политики?

Со дијалог. Кохабитацијата не зависи од нашиот карактер. Кохабитацијата е еден нормален редовен инструмент. Во случајов, јас имам друга предност, јас не сум член на политичка партија, непартиска сум. Да, поддржана сум од најголемата опозициска партија, меѓутоа мислам дека тоа воопшто не значи вистинска кохабитација, бидејќи таа е кога претседателот и парламентарното мнозинство се од различни политички партии. Јас знам како се гради компромис, со аргументи. Ќе опстојувам, се разбира, на своите ставови. Мислам дека тука ќе имаме успех.

Тука неизбежно е прашањето за името. Имате, да кажам, непопустлив став за името. Сменето е, станавме Република Северна Македонија, вратите на НАТО и на ЕУ се отворија. Но во Вашите обраќања од митинзите порачувате не веднаш, ама со уставна промена ќе го заштитите името со клаузула за непроменливост. Како планирате да го сторите тоа?

Да, вратите се отворени, но ќе видиме колку се отворени. За НАТО мислам вратата е навистина отворена, но да бидам искрена причината беше повеќе геостратешка, а не беше вистинско решавање на проблемот меѓу Република Македонија и Република Грција, бидејќи јавноста, двата народа не беа вклучени ниту соодветно информирани за овој процес. Едно е изјава за отвореност, но набргу ќе видиме дека за да влезете внатре вие треба… друго е да стоите пред отворена врата.

Сметате ли дека ќе влеземе во НАТО?

Во НАТО мислам дека ќе влеземе, а за ЕУ не верувам, не верувам ниту дека во јуни ќе добиеме покана. Во ЕУ се влегува со исполнување на Копенхагеншките критериуми, а тие значат владеење на правото, либерална компетитивна просперитетна економија, независно судство, жестока борба со криминалот и корупцијата, деполитизација и департизација на администрацијата, слободни и независни медиуми.

Според ова што го кажувате, сметате дека во моментов не чекориме во тој правец?

Сите чекори во овие две и повеќе години беа врзани за решавањето на проблемот за името и тука се поставува едно логично прашање, зарем 26 министри само со тоа се занимаваат. Се разбира, имаа исчекори во некои сфери, тоа е неспорно, да речеме во социјалната политика, можеби затоа што сум жена, па гледам онаму каде што жени се министри, да, сега гледаме во реформите во правосудството исто така има сериозни промени. Слоганот на мојата кампања е правдата и ќе потенцирам зошто – не е доволно да верувате во правен илузионизам дека ќе ги донесете законите и сте го решиле проблемот. Истовремено кога се говори за решенија, кои ќе овозможат демократско функционирање целосно, но во практиката се кршат и независноста на судството и владеењето на правото. Така не се оди во ЕУ.

Законот за јавното обвинителство каде што се решава и СЈО е неминовно прашање во овој контекст. Преговорите течат, некако тешко оди договарањето на позицијата и опозицијата. Вашиот став дали СЈО треба да функционира како автономна институција и да се остави да си ја доработи работата што ја почна или треба на некој начин да се блокира работата на ова обвинителство?

Моите француски колеги велат дека сè што е специјално треба да биде од времен карактер, бидејќи специјалните институции зборуваат за специјален амбиент. Имавме таков амбиент, но јас сум правник, Уставот вели дека Јавното обвинителство е единствена организација, СЈО се создаде од политички причини, тоа е факт и сега треба некако да се лоцира во рамки на јавнообвинителскиот систем. Да Јавното обвинителство може да има специфична надлежност, иако ние имаме одделение за организиран криминал во рамки на ЈО, но мора биде дел од системот. Јас дури имам проблем за посебен закон, но тој беше донесен, се разбира дејства некои беа преземени, треба да се довршат. Кај мене се создава страв од паралелизам да не имаме двајца јавни обвинители, еден на државата и еден специјален, ама со статус, надлежности и финансиска поддршка, која е поголема од онаа на оној првиот. Се плашам да не дојде до разногласија внатре, оти кога правото е во прашање најважно е во таа пирамида да се знае постапката, да се знаат надлежностите, да се знае кој кому одговара, затоа што ако имате поделена надлежност, но нема одговорност, може да биде загрозено правото. Се надевам дека ќе се договорат.

Прв пат во посета имавме грчки премиер. Ципрас имаше средба со Заев, имаа средби министрите од двете земји, се потпишаа голем број договори, меморандуми, соработката се зајакнува. И двајцата премиери во изјавите на прес-конференцијата напоменаа дека сметаат дека опозициите и во едната и во другата држава со тек на време ќе го прифатат Договорот од Преспа, односно кога би станале власт, ако победат на некои следни избори нема да се откажат од Договорот, бидејќи никој не би се откажал од она што е позитивно, од она што земјите ги движи напред, а за нашата земја ги отвора вратите на ЕУ и НАТО. Ваш коментар?

Не знам дали оцената што е добро што е лошо зависи само од премиерите. Во Грција не се сомневам дека еден ден и опозицијата ќе го прифати ова решение, зашто Договорот, кој сака нека кажува и како сака нека објаснува, е асиметричен, едната страна има права, другата страна има обврски. Сепак, многу пати велам, и кога немало држава, имало македонска нација, во 19 век тогаш се формирала и грчката нација, не во петтиот век. Никој нема да го убеди македонскиот народ ниту мене дека можеме двомесечната историја со Република Северна Македонија безболно, успешно, без трауми, со достоинство да ја транспонираме на минатото. Оти, видете, тони книги се напишале за македонската држава, за македонската нација. Сега вие кога ја читате Преамбулата читате илинденците, партизаните, па дури и ние на референдумот во 91 сме гласале за Северна Македонија, тоа не е точно, тоа е што велите вие новинарите фејк њус.

Сметаме ли дека меѓународната заедница повторно ќе го насочи фокусот кон нас за ние да постигнеме нешто поинакво како што Вие мислите. Меѓународната заедница си има свои проблеми, постигнавме компромис, ни се дава ветер во грб да одиме напред, меѓутоа дали повторно би се позанимавале со нас, дали со тој пристап ние всушност ќе ја пропуштиме шансата?

Не смееме ниту да ја глорифицираме ниту да ја сатанизираме меѓународната заедница. Таа е практична, прагматична, сака да си наниже уште еден решен проблем, си има внатрешни проблеми. Тече процес на редизајнирањето на ЕУ по брегзит. Гледате за Црна и Гора и Србија во моментов, да, има отворена врата, ама малку ќе постојат на прагот на отворената врата, можете да замислите како ќе биде тоа со Македонија. Ветерот може да дува, ама ако има нешто да дувне, за да поттурне напред, ако ние работевме на реформите, оваа власт дојде како реформска власт.

Велите дека минатата власт работеше на реформите?

Не, изминатата власт си замина затоа што требаше да си замине, но очекувавме вистинска промена, научени лекции. Воопшто оваа власт не е подобра од претходната, а сега времето е кусо и сега јас велам стравот е секоја власт корумпира, апсолутната, апсолутно. Претходната предолго беше на власт, со тие предвремени избори, но за толку кусо време да покажете таква неспособност за реформи е навистина проблематично. Да ги тераа реформите и односот на ЕУ кон Македонија, но и односот на Грција кон Македонија ќе беше поинаков, затоа што ако ништо не сте сториле освен името вие ќе гледате тоа да го прикажете како голем успех. Кога велам дека ова е неодржливо решение, воопшто не мислам дека доколку јас станам претседател, веднаш ќе почнам со работа за да го тргнам името или дека нема да потпишувам.

Дали ќе ги потпишувате указите за законите, доколку бидете претседател?

Видете, името е правен факт, не само реален, новото име и јас ќе потпишувам. Едно е што ќе потпишувам, тоа е тоа што го усвоиле преку кршење на домашното и меѓународното право, а друго е јас што ќе правам лично.

Најавивте комисија од експерти за името, која ќе докаже дека е прекршено меѓународното право. Пред кого ќе докажуваме?

Кога зборувам за комисија не мислам утре ќе создадам едно тело и сега ќе тргнеме пред судовите и слично. Имаме искуство и уште верувам во задолжително меѓународно право, бидејќи кога нема задолжително меѓународно право не можат да постојат ниту ОН. Само да ги потсетам моите критичари и во Преспанскиот договор се вели дека сите спорови врзани за односите меѓу страните во последната инстанца ќе ги решава Судот на правдата во Хаг, истиот суд чија пресуда некој од претставниците и на НАТО и на ЕУ и на Република Грција и на РМ не ги признаваа. Тогаш ние одиме назад, Лигата на народите си замина од историјата на еден чуден начин. Минимум право задолжително треба да постои – тоа е правото на самоопределување, на еднаквост меѓу страните, на немешање во внатрешните работи. Мешање во внатрешни работи било да се повикате на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, која ја има потпишано Грција, а ја нема ратификувано или да се повикате на Конвенцијата за регионални малцински јазици, тоа се европските инструменти и тоа нема врска со мешање во внатрешни работи. Ама мешање во внатрешни работи е да треба на споменик на плоштад, кој не знам ни дали е споменик, туку е авторско дело, направено во 2014 година да пишете дека имал врска со хеленското наследство, па тоа е интелектуална сопственост на авторката, јас често пати велам што ако е пародија на воините.

Дали би му забележале нешто на досегашниот шеф на државата за време на неговото претседателствување?

Ретко зборувам за колеги, секогаш одбивам да одговорам, велам тоа е прашање за наставничкиот совет. Јас му забележав за Законот за високото образование, сум му забележала и за Законот за парламентот, може да има закон, ама во Уставот не пишува. Кога зборувам за оцена на некој човек, еве да речеме на сегашните политичари не заборавам дека зад нив стојат стотици илјади гласови, зад претседателскиот мандат на Иванов стојат 530 илјади гласови. И кога ме прашувате за кохабитацијата, на тоа мислев. Вие мора да го почитувате соговорникот заради изборот, ама јас полно работи ќе ги правам на поинаков начин. Претседателите имаат право да се обраќаат до Собранието, ако тоа се врзе за претставувањето на граѓаните дома и во странство тоа може да биде моќен инструмент. Зошто да не ги сензибилизира претседателот/претседателката пратениците за прашањата за лицата со посебни потреби, за Ромите, за здравствените работници, бидејќи тие си заминуваат, наместо да добиваат најмалку илјада евра плата, добија покачување од пет отсто. Зошто претседателот да не се обрати за еколошката македонска катастрофа затоа што денеска еколошката криза е број еден проблем во светот, а за мене тоа е безбедносна дилема. Или зошто претседателот ако стави вето, а не го разгледуваат пратениците, туку само си гласаат, што е негирање, претходно не се обрати пред Собранието за да ги образложи причините за ветото дека тоа се Уставот и законите, а не не манифестирањето сила, па да се соочи со демократски притисок од јавноста. Зошто претседателите да не водат сметка дека уставни судии мораат да бидат луѓе, кои се врвни адвокати, врвни професори, врни судии, а не партиски луѓе. Зошто во Советот за безбедност да не седат експерти за безбедносни прашања, туку луѓе кои се горе долу блиски до партијата. Зошто одликувањата да одат кај луѓе кои не се синоним за знаење, за креација. Има многу прашања кои мислам дека ќе ги направам на мој начин.

Жена за претседател звучи прималиво, но жените на високи позиции кај нас, за жал, сè уште се цел на сексистички коментари. Наместо да се гледа што сработиле, се гледа што облекле дента. Како да ги надминеме стереотипите?

Со докази, не кажувајте ми, покажете ми. Тоа е една од најтешките битки. Јас сум иницијаторката на воведувањето на квотата во изборната регулатива и на почетокот Иџет Мемети беше изненаден, но јас му реков не само што ќе направите нешто многу добро, туку ќе станете многу популарни и меѓу жените и меѓу мажите, како вистински маж, оти тоа е таа перцепција. Сега имаме 38 отсто жени во парламентот, што е одличен резултат. Зошто е добро да има жени? Поинаку ги гледаме рабоите, заради животот и кога ќе имате две визии, две перцепции, резултатот во огледалото е подобар. Понатаму замислете само шест градоначалнички, четири министерки, шокирана сум, бидејќи во Президиумот на АСНОМ имало четири, ние значи сме во тоа време. Ме шокира и фактот дека само 18 отсто од жените во Македонија поседуваат имот. А дали знаете дека жените по сите истражувања во Македонија три пати повеќе работат од мажите, па поголем доказ нема дека за вистинска реформа треба и родов атак, една радикална родова промена. Во однос на облекувањето, тоа е машка перцепција, да бидеме дотерани, сега измислуваат мажите старееле поубаво, станувале поинтересни тогаш, а ние сме требале да бидеме гледани низ призма на кукла. Јас сум полиберална од партијата што ме поддржа, задоволство ми е што тие го разбираат тоа, велам само некој однадвор може да ве натера да отворите врата кон демократизација, реформи, видете папата Франциско менува многу работи, а не сега ние партиите.

Во еден од политичките спотови играте токму на картата жена за претседател, а актерите велат жена ќе биде нема да нè лаже, зарем жените не лажат?

Македонската политика досега беше изразито машка, мачо-политика, колку жени сме имале на клучни функции. Овие речиси 30 години што сме разочарани и сме биле сведоци на лажни ветувања. Да пробаме со жена. Ние не лажеме, не можеме да излажеме ако сме бремени, секако тука намерно идеализирам.

Зошто Вие, а не Пендаровски или Река, за иден претседател?

Зошто јас – затоа што ние жените не лажеме, затоа што сега јас сум златната средина во општеството и затоа што е предизвик, ајде дозволете да видиме дали жените лажат, дали навистина не ги решаваат проблемите, за да можеме низ компарација да извлечеме една родова перцепција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...