Како да го наречам моментот или денот можеби постберлински момент, сите од Берлин вклучувајќи ме и мене очекувавме добар глас. Но се чини најдобриот глас требаше да дојде или сакаше да го донесе премиерот Заев, или можеби себеси се замислуваше како некогаш Кенеди во Берлин рече дека се чуствува како граѓанин на Берлин. Но што заборави, заборави дека она што му беше соопштено во Берлин не е случајно туку дека беше веќе донесена одлука ние во Македонија одамна знаеме, чуствуваме дека еден од најголемите проблеми е отсуството на независно судство или недостатокот на реформи во судството, рече Гордана Силјановска Давкова во денешната изјава за медиумите.
Јас, рече таа, со месеци укажував дека ако на чело на т.н. тело за судски реформи стои премиерот реформите нема да стигнат.
– Се разбира моите зборови не предизвикаа никаква реакција или акција, но чинам дека она што јас го зборував му беше кажано на премиерот во Берлин. Најверојатно и од господинот Макрон и од госпоѓата Меркел. Зошто кога се врати дома рече дека нема повеќе да биде претседател на телото за судски реформи. Чинам дека е тоа задоцнета одлука – смета Силјановска.
Таа уште еднаш порача дека независното судство е клучен услов за демократска држава но и еден од важните сегменти во рамките на очекуваните реформи. Членките на ЕУ особено основачите на ЕУ, рече таа, имаат лошо искуство со земји кои пред нас станале членки на ЕУ но со сериозни проблеми во судството.
– Се разбира дека ние не треба секогаш да учиме на сопствените грешки, треба да го помниме, да го знаеме, а тоа го знаат се разбира експертите. Искуството на Романија, на Бугарија, меѓутоа премиерот и луѓето околу него беа уверени дека склучувањето на Преспанскиот договор е доволно за да се искористи, да се употреби, да се злоупотреби како алиби во барањето почеток за преговори. Јас сум уверена дека тоа не е доволно, затоа јас односно ние се повикуваме на владеење на правото и на правдата оти без тој услов нема ни почеток на преговори, нема ни европеизација – рече таа.
Силјановска, како што веќе пренесовме, смета оти веројатно почетокот на преговорите или разговорт за почетокот на преговорите ќе биде одложено за наесен.