Силјановска во Аеродром: Најмалку 12 пати во Собранието ќе говорам за проблемите на најранливите

Подготвени сме, рече Мицкоски, да признаеме и да се извиниме за сето она кое сме го погрешиле во минатото. Подготвени сме тоа да го направиме. Човек што работи и греши.

393

Канидатот за претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова вечерва на митинг во општина Аеродром побара поддршка за претседателската функција, истакнувајќи ја важноста на демократијата во општеството без која, како што рече, нема ниту Европска унија, ниту НАТО.

– Собранието треба да биде најспрестижната школа за демократија во која низ дијалог со аргументи со различни ставови на граѓаните се трага по консензус  за најважните решенија. Не со тиранија на мнозинството, не со купопродажба на гласови, не со кршење на Уставот и законите зашто не сме ги овластиле за тоа, не сами со себе, не така како што ќе им каже лидерот на партијата на власт, зошто тоа не е Собрание и школа на демократија туку узурпиран народен простор, рече Силјановска.

Таа потенцираше дека без поделба на власта на законодавна, извршна и судска не може да постои демократија.

– Трите власти мора да се ограничуваат меѓусебе со спреги и кочници, за ниту една да не се издигне, зошто ако се издигне една над другите тогаш жртви ќе бидеме ние граѓаните, односно нашите човекови слободи и права, наведе Силјановска.

Таа, меѓу останатото, истакна дека на премиерот не му е местото во изборната кампања, затоа што, посочи, тој мора да ја претставува државата и претпладне не смее да биде држава, а попладне партија.

– Тоа важи и за сите министри. Тоа е проблем на демократски дефицит, значи дека во оваа земја нема демократија, а каде што нема демократија нема ниту ЕУ и НАТО. За ЕУ и НАТО треба да сте пристојно место за живеење. Ова место е далеку од ЕУ, уште еднаш ќе слушнете дека нема да почнеме преговори, рече Силјановска.

Ако сакаме да ја донесеме ЕУ дома, дополни, треба да си победиме на претседателските избори не заради мене, туку заради почеток на крајот на една тажна 2,5 годишна сага, на една драма која беше повеќе трагедија, а напати и комедија.

– За жал, ние бевме статисти, а не главни актери, време е да си ги земеме работите  во свои раце, да ги делегитимираме изборно и да им покажеме дека власта ја дава и ја зема  народот, кој тие го заборавија за време на референдумот.  Ние молчејќи го кажавме најгласно – не, а тие не нѐ слушнаа. Си продолжија без нас да го менуваат Уставот, заборавајќи дека суверенот се граѓаните, а не 80 или 81 пратеник.  Затоа ова – не на претседателските избори треба да значи предупредување дека опасно е кога на едно место ќе бидат сите три власти, рече Силјановска.

Поразот на претседателските избори, дополни таа, ќе предизвика логично потреба од нов демократски бран, наречен нови предвремени парламентарни избори што ќе донесат ново парламентарно мнозинство.

Силјановска  најави дека најмалку 12 пати во годината ќе се појави на собраниската говорница за да ги адресира проблемите на најранливите категории граѓани во државата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски барајќи поддршка за изборите рече дека идниот претседател на државата ќе биде жена.

Упати критики до власта, обвинувајќи ја дека го урнала националниот и државниот идентитет, дека тргува со гласовите на земјоделците, ја уценува администрацијата.

– Подготвени сме, рече Мицкоски, да признаеме и да се извиниме за сето она кое сме го погрешиле во минатото. Подготвени сме тоа да го направиме. Човек што работи и греши. Истовремено сме подготвени да понудиме заедно со вас решенија да ги исправиме тие грешки. Да понудиме нови политики, да гледате изморени политичари коишто заедно со вас, со народот ќе работат на проектите за развој на Македонија. Затоа ни е потребен првиот чекор, а тоа е победа на 21 април и победа на 5 мај, рече Мицкоски.

Силјановска  вечерва треба да одржи митинг и во општина Гази Баба.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...