Септември, на сонливиот Балкански вилает – „темен вилает” (така нѐ нарекуваа – н.з.), е од памтивека резервиран за ајварот (туршијата, зимницата), како и за првиот училишен час. И така, од памтивека… Потоа се случи македонскиот „Биг бенг“, којшто за момент ги испреврте работите. Прво студентите и професорите, потоа Шарената револуција ги преплавија македонските булевари како надојдена река, со секој нов ден сѐ поголема. Брзакот го симболизираше чистилиштето на Данте – се прочистуваше диктатурата, но распукна и народниот менталитет. Се разбиваше привидното спокојствие (Ако има леб и сирење – добро е), се означи крајот на грозоморната поговорка „Свиткана глава јатаган не ја сечи”. Со космички екот се распаѓаше лошото, нелогичното, злобното практицирање на власта… Една беше мислата – започнува нова страница во македонската историја. Некако пророчки звучеа стиховите на Кочо Рацин:
Се к’ти ноќта црна!/ Се рути карпа – мрак!/ И петли в село пеат/ и зората се зори – /над карпа в крв се мие/ и темнината пие/ силно/ светнал/ ден!
Не е само ајварот
Повторно е септември на летото господово 2018-то. Повторно ајварот и првиот училишен час се во фокусот на граѓаните. Но, во сезоната на ајварот има и друга поактуелна тема… Два големи настани со суштинско значење за македонската држава и државност се во фокусот на јавноста. Едниот настан треба да означи дефинитивна победа на владеењето на правото. Судниците се пребукирани со процеси преку кои се расчистува со криминалците од бившата владеачка гарнитура, од самата врхушка на развластената фашизоидна власт, која ја претвори Македонија во трло, гето и место на небрането и незабрането разбојништво, страв и ужас за граѓаните, за нивните животи и нивните имоти. Другиот настан со епохално значење за републикава е големиот РЕФЕРЕНДУМ, кој треба да даде виза и да посведочи за народната волја на мнозинството за наш влез како рамноправен член со сите други во заедницата која е синоним за безбедност, човекови права и слободна економска иницијатива.
Секој од овие два исклучително значајни настани за републиката имаат свои специфични аспекти. Проблемот на криминалот направен и детектиран во ангажманите на груевистичкото практицирање на власта (ако неконтролираното сушење на сите можни материјални општествени ресурси и кршењето на човековите права може да се нарече „практицирање на власта„) е пред сѐ работа, задача и обрска на специјализираните служби кои нужно одговараат за владење на правото и борбата со криминалот. Јавноста во таа активност против криминалот нема директна надлежност, тоа е работа на специјализираните служби. Но јавноста во сево ова има свој придонес во смисла на формирање на јавно мислење кое го осудува таквиот криминализиран општествен амбиент и го мобилизира целиот вредносен и етички инструментариум со кој го стеснува просторот на безобзирното крадење, но и на подигрувањето на власта со човечките судбини.
Светата задача на референдумот
Референдумот е, пак, друга приказна. Тој почива врз можноста за изразување на народната волја, но и врз обврската таа волја да се почитува од страна на надлежните при кроењето и спроведувањето на односната одлука која е предмет на референдумот. Во конкретниов случај предметот на референдумското изјаснување е историски судбинско прашање за иднината на овој народ и на оваа земја – да даде легитимитет и виза на Договорот за името и за влез во НАТО И ЕУ. Тој не е едноставна увертира во (нова) Асномовска приказна, туку е силна историска виза за обезбедување иднина, како подарок за иднината на младите генерации, наша оставштина на поколенијата, која има вечна вредност.
Бројни се пречките кои стојат на патот на оваа света задача и должност. Освен примитивистичкото и простачко толкување на оваа акција за влез во иднината; тука се и тезите на приучените наводни интелектуалци; задкулисните игри на оние што ја изгубија власта заради злосторничките дејанија; активноста на разузнавачки служби; поклонство кон многубројни „изми“ (изненадува бројноста и присутноста на речиси сите идеолошки и геостратешки определби што ги прифаќаат бројни граѓани на малата Република Македонија); нејасни претстави за големината на историскиот момент; необјаснивото дејствување на дел од дијаспората која веќе живее во амбиентот што се нуди со референдумот но, од некои јасни и нејасни причини, се спротивставува Македонија да стане дел од тој нивни свет; искривено претставување на суштината на настаните околу референдумот и Евроатлантските интеграции; и бројни други изговори со непознати позадини. Тоа е цела една групација со разновидни „аргументи“ против европеизацијата на Македонија, кои имаат за цел тоа да се спречи – почнувајќи од неуспешен референдум до маргинализирање на овој простор во меѓународната заедница. Се има впечаток дека сите се затскриваат зад едно кредо – на дело е завршна акција на Европа – „Ороспијата Вавилонска“ за исчезнување на Македонците и на нивната библиско-античка држава, сето тоа обландирано со конфузната и имагинарна тема „Швајцарија на Балканите“.
А референдумот има само една света задача – да овозможи имплементација на добронамерните определби на Европската Унија да ги прекине многубројните манипулации со граѓаните на оваа земја. Референдумот треба да отвори пат со кој ќе се стави крај на приказните за „распаѓање на државата“; за исчезнување на нацијата“; и слични такви еуфизми. Успешниот референдум е, всушност, пат кон новата позитивна и успешна македонска сага – дефинитивно и целосно признавање на македонската нација и држава од страна на сите земји во светот; држава и народ потполно како полно рамноправни членки на ООН и на стабилизираните и стабилни народи и заедници во светот. Тоа, мора да се признае, за нас ќе се случи за прв пат во историјата, следниот чин во догледно време треба да биде имиџот на Европеизирана и Европска Македонија, како татковина на еден препознатлив народ и граѓани во целиот свет.
П.С. Аксиома е дека сите луѓе треба да учествуваат во донесувањето на општествените одлуки во нивните заедници, што е суштина на политиката. Оние што не се интересирале за политика (какви одлуки и од кого се носат во заедницата), Аристотел ги нарекувал „идиоти“. Затоа, идеализирано, неизлегувањето на референдумот би можело да биде оправдано само за оние што имаат објективни причини, неодминливи обврски…