Силен ветар во десничарските едра во Европа

Развојот на политичката сцена во низа европски земји во медиумите и понатаму е често проследен со заклучокот дека “сега се случува пробив на екстремно десничарските партии“.

725

„Им должиме благодарност на лидерите на ВМРО, бидејќи во најтемните часови на миграциската криза имаа храброст, мудрост и сила да ги заштитат Македонците, Унграците и со тоа Европејците.“ Овие зборови, што во своето видео обраќање на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата, ги упати унгарскиот премиер и лидер на десничарската националистичка партија Фидес, Виктор Орбан, звучат слично како и неговите поздравни говори на поддршка кон сестринските партии во други земји.

Очекуваниот изборен успех на Словенската демократска партија (СДП) на Јанез Јанша се поврзува силната анти-мигрантска критичка реторика, која можеше да се слушне и на неодамнешната конвенција на СДП во Љубљана, во присуство на Виктор Орбан, лидер, кој според острината на своите антиимиграциски ставови, посебно се издвојува во Европа. Според податоци во словенечки медиуми, изборната кампања на Јанша добила и значајна унгарска финансиска поддршка. Но и воопшто не се крие дека СДП и Фидес имаат мошне блиски контакти.

Во Европа многумина како олеснување ја дочекаа изборната победа на Емануел Макрон на минатогодишните претседателски избори во Франција, изразувајќи надежи дека десничарско популистичкиоте ветришта почнале да спласнуваат. Но тие, всушност, и понатаму се засилуваат.

Соработката меѓу европските десничарско популистички партии, според примерот на Унгарија и Словенија, не е воопшто изненадувачка. Аналитичарите укажуваат дека многу нешта ги поврзуваат овие земји, меѓу другото и фактот дека станаа транзитни земји во врска со мигрантската криза во 2015 година. Тоа беше и иницијалниот фактор што им овозможи на десните популисти да ја засилат својата критика против ЕУ, која бара солидарно прифаќање на азилантите. Пред 2015 година во централно-европските земји мошне малку се зборуваше за анти-мигрантската критика и за исаламот.

Сега, по изборната победа на СДП во Словенија, повторно се констатира дека десничарските популистички партии продолжуваат да ги засилуваат своите позиции. Освен во Словенија и Унгарија, постои цела низа други примери во Европа. По пролетните избори во Италија влада формираа анти-мигрантската Лига и популистичкато евроскептично Движење на пет ѕвезди. Во Германија за првпат по Втората светска војна една екстремно-десничарска партија, Алетрнатива за Германија (АфД), доби место во германскиот Бундестаг, а по изборите минатата есен во Австрија влада формираа конзервативната Народна партија на Австрија (ОВП) и десничарско-популистичката Слободарска партија (ФПО). Националистичката и социјалконзервативна партија Шведски демократи, со силен антимиграциски профил, добива околу 20 проценти од избирачките симпатии во пресрет на парламентарните избори во Шведска што ќе се одржат во септемеври годинава, така што мошне тешко ќе може да биде заобиколена, како што беше случајот досега, во преговорите околу барање коалициски партнери.

Развојот на политичката сцена во низа европски земји во медиумите и понатаму е често проследен со заклучокот дека „сега се случува пробив на екстремно десничарските партии“. Но стварноста е поинаква. Таквите партии веќе ги имаат освоено своите стабилни позиции. Суштинската разлика во споредба со изминатите години е дека другите партии, и од левиот и од десниот блок, се обидуваат сѐ понагласено да ја позајмуваат десничарско популистичката реторика околу состојбите во општеството, со цел да ги привлечат избирачите. Последица на тоа е и изразено поместување на општествено-политичката дебата во просторот меѓу несигурните и неопределни избирачи, простор што веќе подолго време го заплиснуваат и пополнуваат десно-популистичките бранувања.

Резултат на таквиот развој се видливи последци како на вантрешен план во земјите-членки, така и во рамки на целата ЕУ. Пред сè, кога станува збор за порестриктивен однос кон прифаќањето на бегалците и мигрантите, како и за построго надгледување на границите на Унијата.

Но, како на посебно негативен ефект, се укажува на сè покомпликуваните и развлечени постизборни преговори за состување на влади. И во најновиот словенечки случај, би можело да биде мошне тешко за СДП да најде коалициски партнер, бидејќи од разни места на политичката сцена во Словенија веќе се испратени јасни пораки дека е исклучено фомирање коалициски сојуз со ксенофобична и антимиграциска партија. Но, таквата исклучивост е силен предизвик, а едновремено го зголемува и ризикиот што води кон една неефикасна демократија.

Всушност, однесувањето на етаблираните партии, односно традиционалните повеќедецениски носители на власта во повеќе европски земји, во преден план ја открива наивната идеја дека е сепак можно да се потиснат екстремно-десничарските и популистички партии. Се верува дека сè би можело да биде како порано, само доколку се успее со повторно привлекување на избирачите во сопствениот табор. Тоа би бил успешен рецепт за десните популисти да бидат симнати од вратот.

Се чини дека изгледите такво нешто да се случи, во овој момент се никакви.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...